08.11.2018 Со вечерна богослужба наспроти празникот и со Света Златоустова Литургија во Зрновци беше одбележан големиот христијански празник посветен на Св. Димитриј Мироточив Солунски кој што воедно е и храмова слава на истоимената црква и празник на општината Зрновци.
Парохискот свештеник Лазар Коцев зборувајки за Светиот Димитриј им го честиташе празникот на сите верници и рече дека храмот посветен на истоимениот светител догодина ќе биде преосветен од страна на надлежниот Митрополит Брегалнички и Архиепископот Стефан.
-Светиот Великомаченик Димитриј е патрон на оваа парохиска црква. Пред неколку години со благослов на Митрополитот Брегалнички Св. Вмч. Димитриј стана и патрон на општина Зрновци, па секојдневно но и на овој ден се молиме да биде наши молитвеник и застапник пред Христа. Во тек е возобновувањето на овој свет храм, фрескописот е завршен во 95% и ни останаа некои детали на украсување на храмот. За време на Велигденскот пост се планира поставување на подот и со Божји благослов догодина ќе извршиме преосветување на овој свет храм и се надеваме дека ќе бидеме посетени и од нашиот Архиепископ Стефан, рече Лазар Коцев, парохијски свештеник.
И градоначалникот Станков ги поздрави и им го честита празникот на сите верници.
-Денеска во слава и чест на патронот и заштитник на општина Зрновци Св. Вмч. Димитриј Солунски, општина Зрновци заедно со МПЦ го одбележува патрониот празник на општината. Чествувањето започна вчера со тоа што положивме цвеќе на споменикот на Св. Димитриј, потоа се организираше вечерна богослужба а денеска Света Божествена Литургија и заедно со една духовна радост прославата ја завршуваме со сенароден ручек за сите верници. Им го честитам празникот на општината на сите верници и граѓани на општина Зрновци, рече Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.
По завршување на Литургијата беше пресечен и славскиот колач, а оние кои што имаа куќна слава или го слават својот именден, подигаа панагии за здравје и бараа молитвено застапништво од светиот чудотворец Димитриј Солунски.
Одбележувањето на празникот на општината продолжи со празнична трпеза и манастирски ручек.
Т. Велкова