16.11.2018 Толеранцијата, разбирањето во интерперсоналните односи се најважни за справување со стресот и стресогените ситуации, меѓу другото истакна професорот Методи Чепреганов, невропсихијатар епилептолог кој одржа предавање на тема „Стресот и нашето здравје“ пред присутните во салата на Советот на Општина Кочани.
Професор Чепреганов во своето излагање објасни како стресот влијае врз нашето здравје, како нашето тело реагира на при стресни ситуации, кои се последиците од хроничен пролонгиран стрес и на крајот како да се справиме со него.
-Она што ви претставува проблем и го напаѓа интегритетот на вашата личност не треба да го примите и не треба да дозволите да влезе во вас. На пример, гледате филм во кој што има многу убиства и крв. Немојте да мислите дека тој филм нема да остави последици врз вас. Напротив, ќе остави големи последици. Едноставно треба да го исклучите и да не дозволите тоа да влезе во вас бидејќи вашиот ментум почнува да размислува но прави и една реакција на организмот која е непријатна и се вика стрес. Тој стрес во нас прави револуција. Главниот стресоген фактор во Македонија е егзистенционалниот. Несигурноста во нашето секојдневие во нашето постоење прави стресогена ситуација, истакна Методи Чепреганов, невропсихијатар - епилептолог.
Професор Чепреганов ја искористи можноста и да направи една мала промоција и на светската енциклопедија што ја промовираше и во емисијата „Здравјето е се“ на Канал 8 телевизија а во чии рамки делот за епилептологијата го пишува токму професор Чепреганов.
Настанот беше во организација на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Општина Кочани и истиот беше отворен за сите граѓани. На крајот од предавањето присутните имаа можност да постават прашања во врска со темата за стресот и неговото влијание врз здравјето.
Т. Велкова