21.01.2019 22-годишниот Ристе Ристов од Кочани успеа меѓу 40-те пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на Кочанска Река по повод празникот Богојавление - Водици. Седум пати до сега се пријавува за овој чин и конечно упорноста му се исплати и му се насмеа среќата да го фати Светиот крст.
Најсреќниот Ристов со неговите другари според обичајот ќе ги посетат семејствата во градот, кои го даруваат крстот со пари за здравје и среќа.
Тој пред сите присутни ја даде христијанската изјава и посака Бог да му дари здравје на него и неговите најблиски.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно - верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на кочанска река присуствуваа голем број верници. Чинот на потопување на Честниот крст и осветување на водата го изврши Митрополитот Брегалнички Иларион со свештеници од Брегалничката епархија.
Годинава чинот на потопување на крстот помина без многу награди за момчето кое го фати. Причината е да не бидат наградите повод да се пријавуваат момчињата за скокање, туку верата во Бог. Кочанскиот храм му подари Свето писмо - Библија, а подароци врачија и градоначалникот Николчо Илијев и фармацевтската компанија „Зегин“.
Пред одржување на чинот на потопување на честниот крст во храмот „Св. Вмч. Ѓорги“ се одржа Света Божествена .по што со свечена литија верниците и свештениците се упатија кон мостот во паркот каде се потопуваше крстот. Успешно помина и лицитацијата на иконите и крстот а оние кои што ги купија иконите ќе ги чуваат во своите домови 40 дена за здравје, по што ќе бидат вратени во црквата.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници.
Т. Велкова