19.03.2021 Кризниот штаб на општина Кочани на денешниот работен состанок усвои заклучоци за примена на неколку мерки за заштита од ширењето на коронавирусот на локално ниво.
Општинските сообраќајни инспектори, во соработка со Полициската станица од Кочани ќе прават засилени контроли на почитувањето на одредбите за јавниот превоз на патници и на вработени во претпријатијата, ќе се контролира употребата заштитните маски и држењето на пропишаното растојание, а на родителите им се препорачува во наредниот период нивните деца да го избегнуваат користењето на детските забавни паркови.
-Зголемениот број позитивни граѓани и пациенти со Ковид-19 во нашата општина последните неколку дена е причина да реагираме итно, како превентива од засилување на епидемијата. Кризниот штаб донесе заклучок да ја ангажира Територијалната противпожарна единица за редовна дезинфекција на фабричките простории, влезовите и лифтовите во зградите и сите простории каде има зголемено присуство на луѓе, а комуналното претпријатие ќе ги дезинфицира јавните површини и локациите каде се одлага отпадот, истакна градоначалникот Николчо Илијев, кој е и претседател на Кризниот штаб на Кочани.