24.09.2013 Првата дама на Република Македонија Маја Иванова која е носител на проектот „Здрава храна за детство без мана“ на средба со учениците од кочанските основни училишта.
Настанот беше организиран со посета на фабриката за преработка на ориз „Жито Ориз КО“. На децата им беше презентирано колкаво е значењето на оваа житарица и како се произведува до финален производ.
-После Скопје , Битола Прилеп и Пробиштип денеска сме во градот на оризот и на тој начин се вклучивме и во рамките на одбележувањето на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“. Мене ми е навистина драго што оваа идеја прераснува во значајна преку организирање на вакви настани и што ја подржаа оние кои навистина треба да ја подржат, а тоа се институциите, градинките и училиштата.
Драго ми е што оваа кампања ќе добие на голема тежина ако не остане само на симболични организирања вака по училиштата, градинките или како што е денес посета на фабриката за ориз, туку ќе ја препознаат сите, затоа што оваа кампања е за идните поколенија да имаме здрава младина, здрави деца , истакна Маја Иванова, сопруга на претседателот на РМ.
По посетата на фабриката на штанд беа презентирани рецепти за здрава храна, се пееја песни за промоција на здравата храна. Имаше подготвено традиционални јадења од ориз лапа и сутлијаш.
-Кочанскиот ориз е препознатлив и јас секогаш го барам на пазарите и го имаме редовно во исхраната, додаде, Иванова.
Караванот „Здрава храна за детство без мана“ во организација со невладината ОХО продолжува и понатаму низ градовите во државата. Во рамки на проектот децата посетуваат овошни и зеленчукови градини, се запознаваат со начинот на растење на зеленчукот и овошјето. Целта на кампањата е децата да се хранат здраво и со тоа да се создаваат здрави поколенија кои се иднината на државата.
Т. Велкова