07.06.2013 Тежок период му претстои на текстилното производство во целиот источен регион од државата. Намалените нарачки од западноевропските купувачи ги влошуваат состојбите кај сите производители кои најавуваат дури и отпуштање на дел од вработените.
Со оглед дека 99 отсто од текстилните фирми кај нас работат на лон-принцип, доаѓа до опаѓање на акумулацијата и заработката, заради што сопствениците се принудени да го скратуваат трошокот за плати, односно да го намалуваат бројот на работниците.
- Од моите контакти со продавачите на репроматеријал кои се присутни во Македонија, нивните изјави се дека имаат некаде од 20-25% намалување на продажбата на репроматеријали, конец, копче, физелин и така натаму, што на некој начин тоа го потврдува. Бројката на вработени се менува, затоа што веќе се започнати отпуштања, а најавите на нашите колеги дека во следниот период е дека во однос на тоа ќе дојде до зголемување, рече Венцислав Филипов, член на управениот одобор на текстилен кластер.
Филипов вели дека работодавачите не се во ситуација да ги отпуштаат вработените по своја волја. Напротив, повеќето од нив ги димензионирале своите капацитети за проширување со нови линии и дополнитени вработувања. Сепак, условите на терен диктираат нешто сосема друго.
- Работата кај нас се селеше од Рoманија и Бугарија, кои влегоа во Европската унија и кои станаа скапи. Со сегашната економска ситуација овие производители повторно се враќаат назад и се конкурентни кон нас. Тие ја имаат предноста што ние ја немаме , предноста на ЕУ што немаат царина, имаат побрз проток на стоики и се пофлексибилни, вели Филипов.
Близу половината од вкупниот број вработени во Општина Кочани, ангажирани во текстилното производство се соочуваат со заканите од губење на работното место. Иако за сега тоа во практика не се случило, сепак, претпријатијата директно го чувствуваат влијанието на опаѓањето на нарачките од странство, па се во исчекување што ќе се случи во периодот што претстои, велат од текстилниот кластер.
Т. Ајтовски