24.10.2013 Најстарата фотографија датира од 1869 година па се до 60 те години на 20 век. Низ стотината фотографии изложени во установата проследен е развојот на градот прикажан низ призмата на историјата, етнологијата, архитектурата и други аспекти.
Автори на изложбата се Павлина Василева и Марин Клифов, виши кустоси историчари во Локалната установа Народен Музеј на град Велес.
Тие една година работеле на собирање на фотографиите за истите да бидат пред очите на јавноста, некои и за прв пат по многу години.
-Како што може да се види од фотографиите Велес е доста изменет посебно централното градско подрачје. Од овие куќи што можат да се видат во центарот на градот сега има останато само една или две. Од староградската архитектура друго се е ново и изградени се многу други објекти. За мене најинспиративна и централен симбол на градот е градскиот часовник. Истиот е од 16 век и најпрво претставувало турска посматрачница, а покасно станува градски часовник и симбол на градот, рече Марин Клифов, автор на изложбата, виш кустос во Народен музеј Велес.
-Преку сликите јасно се гледа убавината на стариот град и ме радува што овие фотографии кои се наоѓаат во Музејот на Велес не остануваат само во фиоките туку се прикажуваат пред јавноста. Изложбата е можност старите да се потсетат, а младите да го видат стариот Велес, рече Павлина Василева, автор на изложбата, виш кустос во Народен музеј Велес.
Изложбата е во рамките на соработката на Народниот музеј и кочанската библиотека. За отворена ја прогласи директорката на библиотеката Данута Ананиева, а пред присутните осврт даде библиотекарот Вера Атанасова.
Фотографиите во установата ќе бидат изложени во наредните две недели и достапни за кочанската јавност. Откако изложбата во Велес постигнала рекордна посетеност, за неа интерес покажале и граѓаните од останатите градови низ државата, затоа после Кочани ќе биде претставена и низ другите македонски градови.
Т. Велкова
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.