28.10.2013 Членови на здружението на граѓани “Јосип Броз Тито“ викендот повторно беа активни. Отпатуваа за Белград за да присуствуваат на погребот на Титовата сопруга Јованка Броз. Таму им се придружија на петте илјади поклоненици кои исто така дојдоа да оддадат почест на некогашната прва дама на заедничката југословенска држава.
Присуството на делегацијата од Кочани не останало незабележано и од големиот број новинарски екипи кои дојдоа од повеќе соседни земји за да го забележат моментот што станува дел од историјата.
Членовите на кочанското здружение рекоа дека присуството во Белград за нив претставувало посебна чест.
- Како што секоја година на 4 мај одиме на поклонение на гробот на другарот Тито, сега наша чест беше да отидеме во Белград на гробот на другарката Јованка и да се поклониме во чест на се она што заедно со Тито ни го овозможија, за да живееме пристоен живот. Од Кочани отидовме седум луѓе, таму имаше и членови од политичката партија “Титови леви сили“ од Скопје, а за други од Македонија не знам дали имаше, рече Ѓорѓи Николов, член на здружението “Јосип Броз Тито“ - Кочани.
Престојот во Белград бил искористен и за контакти со слични здруженија од поранешните југословенски републики, при што се договорени и натамошните заеднички активности.
- Ние, горе-долу се знаеме сите од поранешна Југославија, имаше претставници од здруженијата со кои контактираме, од Словенија, Хрватска Босна и Херцеговина, Црна Гора. Наша наредна цел е сега за 29 ноември да отидеме во Јајце, на одбележувањето на 70-годишнината од одржувањето на второто заседание на АВНОЈ, додаде Николов.
Николов вели дека веќе се планира календарот на активности на Здружението за наредната година. И покрај скромните финансиски средства што ги обезбедуваат од сопствените буџети, очекува тие целосно да се исполнат.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}