04.11.2013 Пациентите посетуваат матичен лекар и кога е непотребно. На тој начин се стеснува просторот на матичниот лекар да му посвети внимание и да му пружи квалитетно лекување на пациентот на кој навистина му е потребна лекарска помош. Ако прегледот кај матичен се наплаќа, тогаш никој нема без потреба да доаѓа на преглед, велат приватните лекари кои за ова преговараат со Фондот за здравствено осигурување.
-Со цел да се намалат непотребните посети кај матичните лекари бидејќи нашите анализи покажуваат дека тие се присутни во голема мера , приватните лекари бараат да се воведе партиципација кај матичен лекар. Не значи дека тоа ќе биде голема сума , но сметаме дека со воведување на партиципација во голема меар ќе се намалат непотребните посети и со тоа да им се овозможи на матичните лекари повеќе време да посветат на пациентите и да се пружи поквалитетна заштита, рече д-р Игор Тодосиев, координатор на Здружение на приватни лекари во Кочани.
Лекарите бараат и покачување на партиципацијата за евентуално примање на ампуларна терапија.
-Постои услови да побараме и да има промени во плаќање за аплицирање на ампуларната терапија, односно да се зголеми сумата ако се аплицира, додаде д-р Тодосиев.
Дополнителното барање на матичните кое координаторот Тодосиев го посочи се однесува на зголемување на капитациониот бод на лекарите по пациент, кој сега изнесува 50 денари за секој прегледан пациент.
Ова е став на целото Здружение приватни лекари на ниво на Македонија на чело со претседателка д-р Лилјана Чолакова. Дали ќе бидат прифатени нивните барања од страна на Фондот ќе се види во новите договори кои досега беа во времетраење од една, а од сега ќе важат пет години.
Т. Велкова
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.