19.11.2013 „Макпрогрес“ од Виница со рекорден извоз во октомври годинава. На странските пазари компанијата пласирала 700 тони готови производи во над 40 земји низ светот.
„Макпрогрес“ минатата година ги оствари најпозитивни економски резултати во досегашното работење, а многу веројатно е тие да бидат натфрлени по правењето на конечниот биланс за 2013. Во 2012 вкупните приходи на компанијата достигнаа 17,6 милиони евра што е раст од 11,33 отсто во споредба со 2011 година.
Минатата година беа извезени околу 6.000 тони кондиторски производи од брендот „Винчини“ во вредност од над 12 милиони долари на рекорден број пазари на 5 континенти ширум светот.
Од „Макпрогрес“ сметаат дека позитивните резултати најмногу се должат на големите напори на менаџерскиот тим и на раководните лица, производство и развој на нови производи и на континуираното подобрувањето на квалитетот и процесите во целокупното работење.
Компанијата произведува над 200 различни кондиторски производи. Последниот нов производ е ролатот со вкус на кајсија, а на пазарот претходно беа лансирани нови производи од брендовите „Сончева долина“ производи од соја и црвена леќа како и од брендот „Винчини“ нови чајни колачиња, штрудли, нови вкусови на парфе десерт и редизајнирани меденици, а производствената палета постојано се надградува.
Г.Лалов
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.