21.11.2013 Од почетокот на идниот месец Кочани ќе добие јавен градски автобуски превоз. Идејата на чие остварување се работеше половина година, конечно ќе се реализира од понеделник, 2 декември.
Во Локалната самоуправа се одржа работен состанок на надлежните од Полициската станица, општинската администрација, инспекторот за сообраќај и фирмата - давател на услугата, на кој се утврдуваа конкретните задачи што треба да се завршат до стартот на проектот.
Според градоначалникот Димитровски, активностите се одвиваат според планирањата и нема пречки превозот да не профункционира.
- Јавниот превоз ќе го организира избраниот јавен и лиценциран превозник “Авто атом“ со возилата со кои располага и ќе се одвива на крајните релации од месноста Бавчалук до Оризари кај месноста Воденица, и до зоната Лесна индустрија, кај поранешен Магро. Реков дека почетокoт ќе биде на 2 декември, два месеци ќе имаме пробен превоз за да видиме како ќе се одвива целокупниот сообраќај, ќе имаме 4 линии дневно на два часа, почнувајќи од 8, па завршувајќи до 16 часот и цената ќе биде популарна од само 10 денари за граѓаните на општина Кочани, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Носител на активноста за организирање јавен градски превоз е Општината, а целта, како што рече Димитровски, е да им се обезбеди на граѓаните кои немаат сопствено возило или не се во можност да користат друг превоз да стигнат до одредено место за поприфатливо ниска цена.
Техничките подготовки за да профункционира услугата траат од поодамна, а ќе се користат постојните автобуски постојки во градот. Се планира обележувањето на хоризонталната сигнализација да биде обновено, а дополнително да бидат поставени сообраќајни знаци и информативни табли на местата на поаѓање и застанување на возилата. Неопходно ќе биде и да се обноват натстрешниците што се оштетени, а доколку проектот и по двата месеци пробен период се покаже како потребен, тогаш ќе треба да се размислува и за поставување нови натстрешници.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}11°C
Кочани