16.10.2019 Младите фудбалери на “Фудбал старс“ продолжуваат со добрите настапи во првенството на Регионалната југоисточна лига.
Во рамки на 4 коло успех забележа генерацијата 2006. Таа со резултат 4:0, на домашен терен, ја совлада незгодната екипа „Брегалница“ од Штип, која е еден од конкурентите за пласман на врвот. Со убедливата победа токму против штипјани јуниорската екипа на „Фудбал старс“ го зачува првото место на табелата.
Пофалба за успехот заслужува целата екипа, а посебно стрелците на головите, при што Марио Симоски постигна два погодока, а по еднаш противничката мрежа ја затресоа Ненад Малинов и Николче Ефремов.
01.04.2019 Во пожарот што ги зафати падините на Осоговските Планини кај кочанското село Цера до сега изгореа над 50 хектари со букова и борова шума.
Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани трет ден се на терен, но немоќни се во локализирањето на пожарот поради непристапноста на теренот, а силниот ветер и сувата вегетација дополнително помагаат огнот брзо да се шири.
Командирот на ТППЕ, Благој Паунов истакна дека интервенирале повеќе од 48 часа и ги ангажирале сите пожарникари и опремата со која располагаат.
15.10.2019 Наскоро започнуваат градежните работи во Мултикултурниот центар. Избрана е градежната компанија што ќе работи на неговата реконструкција. Од постапката за избор на најповолен понудувач, реализирана според ПРАГ-процедурата, остануваат уште неколку чекори, по што ќе започне да тече рокот за изведба, којшто е планиран на 14 месеци од потпишувањето на договорот.
За реконструкција и адаптација на зградата на Мултикултурниот центар ќе бидат наменети 316 илјади евра, од кои 213 илјади евра се од Интерег ИПА-програмата, 37.000 се од Министерството за локална самоуправа и 65 илјади евра се кофинансирање од Општина Кочани.
21.01.2019 Локалната самоуправа на Кочани ги започна проектните активности за изградба на мини акумулација на Осоговските Планини за водоснабдување на туристичкиот центар Пониква.
Во тек е постапката за избор на фирма што ќе ги направи истражните геотехнички испитувања и ќе изработи основен проект за браната, а за што од општинскиот буџет е планирано да се потрошат близу 2,2 милиони денари.
Мини акумулацијата ќе биде лоцирана во месноста Арамиска чешма, во непосредна близина на Пониква и главна цел е да обезбедува вода за постојните и новите викендички во населбата, за одморалиштата, како и за планинските поила за сточниот фонд.
07.02.2019 Територијалната противпожарна единица од Кочани доби нови работни униформи, неопходни за извршување на секојдневните работни обврски.
За набавката беа издвоени средства од буџетот на Општина Кочани, а таа се реализира после неколку години.
- Добивме работни униформи, 18 парчиња, што се состојат од панталони, кошули, џемпер, маици, капа, кондури и чизми, што ни беше неопходно за извршување на секојдневните работни обврски. Униформите ги добиваме после неколку години и е од големо значење за нашата професија, рече Благојчо Паунов, командир на ТППЕ - Кочани.
21.01.2019 22-годишниот Ристе Ристов од Кочани успеа меѓу 40-те пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на Кочанска Река по повод празникот Богојавление - Водици. Седум пати до сега се пријавува за овој чин и конечно упорноста му се исплати и му се насмеа среќата да го фати Светиот крст.
Најсреќниот Ристов со неговите другари според обичајот ќе ги посетат семејствата во градот, кои го даруваат крстот со пари за здравје и среќа.
Тој пред сите присутни ја даде христијанската изјава и посака Бог да му дари здравје на него и неговите најблиски.
17.01.2019 Со средства од буџетот на Општина Кочани започна реконструкцијата на пет основни училишта во градот и во две села, а поддршка во активностите е добиена и од Министерството за образование и наука.
Во ОУ „Никола Карев“ во Кочани се прави адаптација на тоалетите, при што се поставува комплетно нова водоводна инсталација, се заменуваат вратите и се санираат таваните. Исто така, ќе се постават нови тоалетни елементи, а целата инвестиција е во вредност од 780 илјади денари.
По завршувањето на градежните работи во централното, ќе се заменат прозорците и ќе се реконструира подот во подрачното училиште во селото Тркање.
21.01.2019 Вкупно 62 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2018 година, што е за една третина помалку во споредба со претходниот едногодишен период.
Најголем број од интервенциите, вкупно 39, биле кај пожари на отворен простор, при што била опожарена површина од 32 хектари, што е за пет пати помалку споредено со 2017 година. Во 16 случаи се интервенирало кај запалени објекти, а останатите излегувања на терен биле за гаснење пожари кај моторни возила.
Од ТППЕ - Виница рекоа дека лани од пожарите е предизвикана вкупна материјална штета од 235 илјади денари, што е намалување за околу половина.
17.01.2019 Здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија бара да се донесе законско решение со кое конечно нивната професија ќе биде заштитена и тие ќе можат да ги остваруваат своите права.
На средбата што раководството на Здружението ја имаше со своите членки од Кочани беше речено дека медицинските сестри се соочуваат со анонимност на својата професија во здравствените институции, иако се школуваат и завршуваат втор и трет циклус на студии, а колективните договори не ги препознаваат според стручност и не се вклучени во систематизацијата на установите каде што работат.
24.12.2018 Во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Кочани кој работи во склоп на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи се одржа тибина со цел запознавање и информирање на граѓаните со формата на згрижување на деца без родители и родиделска грижа и други лица во социјален ризик во згрижувачки семејства.
Во Кочани и општините што ги покрива Центарот засега се згрижени 14 деца во згрижувачки семејства а има потреба од поголем број заинтересирани лица кои сакаат да згрижат дете. Затоа, преку ваквите трибини се подига и свеста кај граѓаните за згрижување дете од социјален ризик.