14.12.2018 Загаденоста на воздухот останува актуелнo прашање, поради што како тема беше дел од дискусиите на последната седница на Советот на Општина Кочани.
Во рамки на Програмата за заштита на животната средина за идната година е предвидено од општинскиот буџет да се издвојат 330 илјади денари.
- Сметам дека потребно е да се склучи договор со овластени лаборатории кои што ќе можат да обезбедат соодветни мерења во однос на бучавоста, во однос на мерењата на загаденоста на отпадни води, како и мерења на загаденоста на воздухот.12.12.2018 Локалната самоуправа на Кочани го објави јавниот повик за пријавување на заинтересирани проектантски фирми од Македонија за изработка на проектна документација за изградба на објектите во кои треба да се преселат жителите од Старата касарна.
Парцелата на која ќе бидат лоцирани новите живеалишта на овие лица е со површина од 2,96 хектари и се наоѓа на земјиште во сопственост на Република Македонија, на северниот дел на Кочани, источно од Фабриката за вода.
Во планскиот опфат се планирани околу 20 градежни парцели.
12.12.2018 В недела Кочани ќе биде домаќин на екипното Државно првенство во џудо за сениори и сениорки. Подготовките течат според планот, а единстевна промена е местото на одржување на првенството.
Иако претходно беше закажано натпреварите да се реализираат во салата на ОУ „Никола Карев“, сепак поради технички пртблеми околу загревањето на објектот, првенствбто е преместено во салата кај Гимназијата во Кочани.
Организатор на натпреварот е Џудо федерацијата на Македонија, со техничка поддршка од кочанскиот џудо клуб ”Гладијатор”.
11.12.2018 Општина Кочани изготви годишна програма за контрола на популацијата на бездомните кучиња според која за нивен третман и заштита во 2019 година ќе издвои 550 илјади денари.
Оваа сума е за над дваесет отсто повисока во однос на лани, при што најголем дел од парите се наменети за тековно одржување на прифатилиштето, односно за обезбедување храна, лекови и средства за дезинфекција, како и за трошоците за лицата кои ќе го вршат заловувањето.
Со Програмата за наредната година се предвидува да се третираат околу 150 бездомни кучиња, колку што просечно годишно се идентификуваат на територијата на општината.
11.12.2018 „Ние сме попаметни од технологијата“ е насловот на проектот во кој што учествуваат и ученици и наставниот кадар од СОУ „Љупчо Сантов“ Кочани.
Станува збор за стратешко партнерство за училишни размени и преку проектот учениците од кочанското училиште кои се учесници во проектот учествуваа во презентацијата на проектот што се одржа во Турција. Проектот вклучува училишта од Турција, Норвешка, Италија Романија, Македонија и Словачка.
Овој проект ги опфаќа учениците, наставниците, училиштата, семејствата и заедницата кои користат технологија постојано во секојдневниот живот. Учениците кои беа таму пренесоа дел од искуствата на останатите ученици.
11.12.2018 Водата од водоводот во планинското село Полаки е неисправна за пиење, поради што е издадена забрана за нејзина употреба.
Анализите врз земените примероци што ги направил Центарот за јавно здравје од Кочани покажале поголемо присуство од законски дозволеното на вкупниот број бактерии, поради што е оценето дека може да има штетни последици по здравјето на луѓето.
Во писменото известување до Општината стои дека поради констатирано присуство на бактерија ешерихија коли се препорачува жителите од ова село, како и планинари, гости и други посетители да не ја користат водата за пиење.
11.12.2018 Македонскиот актер Благој Веселинов е еден од десетте добитници на наградата „Shooting Stars“ што ја доделува Берлинскиот филмски фестивал. Наградата им се доделува на најдобрите европски актери во подем.
Во одлуката на жирито пишува дека Веселинов ги освоил членовите на комисијата со неговата „длабока и неочекувана чувствителност“ во наградуваниот филм „Иселител“.
Признанието се доделува веќе 22 години и секоја година се претставени десет млади актери од Европа. Веселинов ќе го добие своето признание за време на Фестивалот, што ќе се одржи од 8 до 11 февруари идната година.
07.12.2018 Со преасфалтирањето на коловозот и прилагодување на шахтите и сливниците за атмосферската вода се комплетира реконструкцијата на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани.
Одличниот ангажман на работниците и градежната механизација на компанијата „Ескаватори“ од Косово, која работеше и на реконструкцијата на патот кон Пониква, помогна практично за две недели да се добие поквалитетно сообраќајно решение на овој дел од градот.
Според првиот човек на Општината, ретко кој граѓанин очекувал дека целата активност може да се заврши токму пред зимската сезона, особено што се работеше во специфични временски услови.
06.12.2018 Од почетокот на оваа учебна година до крајот на ноември од основните и средните училишта во општина Кочани се отпишале 20 ученици, за кои родителите навеле дека причината е иселување во странство.
Овој број е на слично ниво како за првото тримесечје минатата година, иако регистрирана е тенденција на зголемување на отпишаните ученици пред почетокот на учебната година, односно за време на летниот и зимскиот училишен распуст.
Ваквите податоци ја илустрираат тенденцијата за ислување на граѓаните, што според анализата за состојбата во Источниот регион го става Кочани веднаш зад Штип, каде што бројот на отпишани ученици заради заминување во странство е нешто над 40.
07.12.2018 Локалната самоуправа на Кочани ќе прави дополнително едногодишно испитување и ќе нарача стручна експертиза за квалитетот на амбиенталниот воздух во општината.
За оваа намена е изработена посебна Програма за животна средина со која во буџетот за наредната година ќе се издвојат 300 илјади денари за да се направи дополнително мерење на загаденоста на воздухот на различни локации и во различни периоди од годината.
На тој начин, според градоначалникот Илијев ќе може да се преземаат ефикасни мерки за намалување на зaгаденоста.