07.12.2018 Со преасфалтирањето на коловозот и прилагодување на шахтите и сливниците за атмосферската вода се комплетира реконструкцијата на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани.
Одличниот ангажман на работниците и градежната механизација на компанијата „Ескаватори“ од Косово, која работеше и на реконструкцијата на патот кон Пониква, помогна практично за две недели да се добие поквалитетно сообраќајно решение на овој дел од градот.
Според првиот човек на Општината, ретко кој граѓанин очекувал дека целата активност може да се заврши токму пред зимската сезона, особено што се работеше во специфични временски услови.
06.12.2018 Од почетокот на оваа учебна година до крајот на ноември од основните и средните училишта во општина Кочани се отпишале 20 ученици, за кои родителите навеле дека причината е иселување во странство.
Овој број е на слично ниво како за првото тримесечје минатата година, иако регистрирана е тенденција на зголемување на отпишаните ученици пред почетокот на учебната година, односно за време на летниот и зимскиот училишен распуст.
Ваквите податоци ја илустрираат тенденцијата за ислување на граѓаните, што според анализата за состојбата во Источниот регион го става Кочани веднаш зад Штип, каде што бројот на отпишани ученици заради заминување во странство е нешто над 40.
07.12.2018 Локалната самоуправа на Кочани ќе прави дополнително едногодишно испитување и ќе нарача стручна експертиза за квалитетот на амбиенталниот воздух во општината.
За оваа намена е изработена посебна Програма за животна средина со која во буџетот за наредната година ќе се издвојат 300 илјади денари за да се направи дополнително мерење на загаденоста на воздухот на различни локации и во различни периоди од годината.
На тој начин, според градоначалникот Илијев ќе може да се преземаат ефикасни мерки за намалување на зaгаденоста.
05.12.2018 Со потпишувањето на договорот за соработка во СОУ „Љупчо Сантов“ започна проектот „АР ЕДУ“ - „Едукативен модул со проширена реалност - развој и имплементација на иновативни ИКТ базирани основни алатки во СТЕМ ориентираните училишни предмети“.
Проектот е во вредност од над 130 илјади евра а финансиран од „Еразмус +“ програмата, акција Стратешко партнерство за образование, Соработка за иновации и размена на добри практики.
Проектот има за цел да ги зајакне и вештините и компетенциите на наставниците за користење на Отворените образовни ресурси во секојдневните часови и да воспостави вмрежување на наставниците од „Еразмус +“.
04.12.2018 Околу 37 илјади евра е сумата што Локалната самоуправа на Кочани ги инвестира за изградба на тротоари на повеќе локации во градот.
Средствата се обезбедени од буџетот на Општината, а се наменети со Програмата за уредување на градежното земјиште за 2018 година, за што согласност даде и општинскиот Совет.
Притоа, на најголем дел од тротоарите ќе се поставуваат павер елементи, а останатите ќе се бетонираат.
05.12.2018 Управниот одбор на комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани донесе одлука со која на сите корисници на услугите кои имаат заостанати сметки за потрошена вода им се одобрува да го платат долгот без пресметаната камата за задоцнето плаќање.
Според одлуката, оваа можност не важи за органите на државната и локалната власт, како и за другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон.
Во ослободувањето не се вклучени и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија, како и за Општина Кочани.
04.12.2018 Вработените на итната медицинска помош во Здравствениот дом во Виница ќе работат со нов ЕКГ апарат - донација од Ротари клубот Кочани - Виница.
За реализација на оваа донација, Ротари клубот организираше претстава, а средствата од неа беа за подобрување на здравствените услуги во виничката амбуланта.
- Една од целите на Ротари клубот Кочани - Виница е соработка и помагање во здравството. За таа цел организиравме хуманитарна претстава на која ни гостуваше театарот од Штип со претставата „Умри машки“.
04.12.2018 Македонскиот гудачки квартет „Вива стрингс“ имаше концертен настап во Кочани, во рамки на програмата „Нов културен бран“, при што се претстави со обработки на популарни рок, соул, фанк, рап и џез теми.
Публиката имаше можност да проследи класични пребработки на хитови од АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Квин, Ренди Крафорд и Ерик Клептон.
Квартетот во Кочани има настапувано и претходно, а последниот концерт наиде на одлична прифатеност кај публиката.
29.11.2018 Општина Кочани е домаќин на дводневна меѓународна работилница за јакнење на институционалните капацитети во конвенционалното и органското производство на ориз, што се реализира со поддршка од инструментот за техничка помош и размена на информации (TAIEX) на Европската комисија и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.
Целта на работилницата е домашните производители и стручни лица да разменат европски искуства и знаења во органското производство на ориз со предавачи-експерти од Италија, Грција и Бугарија, како и да разговараат за унапредување на здружувањето и соработката меѓу земјоделците.
29.11.2018 Локалната самоуправа на Кочани спроведува дводневна акција за дератизација на канализациската мрежа за што се набавени 250 килограми кумарински препарат за труење на глодарите.
Стручни екипи од Центарот за јавно здравје, со поддршка на технички персонал од комуналното претпријатие “Водовод“ ги поставуваат кумаринските мамци во канализациските шахти во градот и во селата Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Тркање, Прибачево и Оризари.
Дел од мамците ќе бидат распоредени и на градската депонија, каде исто така е регистрирана појава на глодари и други штетници кои се преносители на заразни болести.