01.11.2018 Започна поправката на оштетувањата и дупките на коловозите на повеќе улици во градот.
Градежната механизација започна со поправката на оштетувањата на улицата “Павлина Велјанова“ што се појавија по излевањето на водата од подземната водоводна и канализациска мрежа. Иако на почетокот состојбата не беше критична, во изминатите неколку месеци врнежите од дожд и интензивното користење на улицата придонесоа за влошување и отежнато движење на возилата.
Токму на крстосницата со “Димитар Влахов“ што е на влезот во градот, коловозот на оваа сообраќајница беше оштетен и подигнат, па за да ги избегнат дупките и нерамниот коловоз, возачите беа примнудени неправилно да влегуваат во крстосницата.
01.11.2018 Резултатите за загаденоста на воздухот во Кочани со ПМ10 честички и други штетни состојки не ги одразуваат реалните состојби поради специфичната местоположба на мерната станица.
Затоа, Локалната самоуправа ќе бара нова локација во централното градско подрачје на која би се поставил уште еден пункт со опрема за мерење на состојбата со амбиенталниот воздух.
На последната седница на Советот на Општината, градоначалникот Николчо Илијев информираше дека се размислува за уште една мерна станица откако претходно ќе се определи соодветна локација за неа.
31.10.2018 Градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров и додели признание и вредносен ваучер на својата сограѓанка Адријана Поп Арсова, која го постави новиот македонски рекорд во маратон на 42 километри во женска конкуренција.
На неодамна одржаниот маратон во црногорскиот главен град Подгорица, Поп Арсова го освои четвртотo место и за првпат патеката ја истрча под три часа, со што постигна одличен резултат за македонската маратонска репрезентација.
Таа рече дека конкуренцијата е голема и токму поради тоа личното задоволство од остварените резултати е уште поголемо.
30.10.2018 Локалната самоуправа на Виница до крајот на годината ќе има на располагање помалку пари во основниот буџет откако Советот донесе одлука да се направи ребаланс за последниот квартал.
Со тоа се кратат средства во висина од околу 12 отсто за што беше дадено образложение дека е објективни причини, односно за трансфери од проекти што ќе се реализираат наредната година.
- Буџетот за 2018 година беше предвиден на 107 милиони денари, тоа е основниот буџет, а со денешниот ребаланс се намалуваат 11,5 милиони денари, така што основниот буџет ќе биде 96 милиони денари, а вкупниот буџет на Општина Виница ќе биде 286 милиони денари.
31.10.2018 Досегашниот првотимец на “Каменица Саса“, Ефтим Аксентиев е ново засилување во редовите на кочанскиот третолиогаш “Осогово“.
33-годишниот кочанец, кој игра на средишната позиција, се враќа во матичниот клуб токму во моментите кога му е најпотребен. Лидерската позиција што ја имаат “жолто-сините“, со неговото доаѓање ќе биде уште побезебедна, со оглед што на тимот мн е потрбно и искуство.
Аксентиев настапуваше за прволигашите “Силекс“ и “Работнички“, за кои одигра вкупно 37 натпревари и постигна два гола. Пред седум години имаше и меѓународно искуство бранејќи ги боите на два клуба во соседна Албанија. Исто така, играше и за штипска “Брегалница“ и “Еуромилк ГЛ“ од Скопје, како и за тимот на “Гостивар“.
30.10.2018 Стопанска комора на Македонија - регионалната комора со седиште во Штип, во соработка со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Општина Чешиново-Облешево, организираа заеднички информативен настан на тема: „ИПАРД 2 – Европски пари за агробизнисите“.
Целта е да се информираат потенцијалните апликанти за можностите кои ги нуди новата ИПАРД-Програма 2014-2020. На овој настан акцент беше ставен на мерките Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и производи од риба.
На средбата со земјоделците беа разгледани прифатливи инвестиции, критериуми, потребни документи за поднесување барања, склучување договори, поднесување барања за исплата, проблеми од претходниот програмски период на ИПАРД 2007-2013 година.
26.10.2018 По нешто повеќе од три години од последната набавка, кочанските пожарникари ќе добијат нова работна униформа и обувки.
Локалната самоуправа го објави тендерот со кој бара фирми кои ќе обезбедат соодветна облека што ќе одговара на техничката спецификација според законските одредби во оваа област.
Тоа значи дека облеката треба да ги задоволува потребните стандарди за заштита на лицата при извршување на нивните задачи, односно да обезбедува висока топлинска издржливост, да може да поднесен високо ниво на абразија, како и да овозможува извесен степен на водоотпорност. Како потврда за квалиетот на ткаенината, добавувачот треба да обезбеди сертификат од акредитирана лабораторија.
30.10.2018 На одбележувањето на Светскиот ден на џудото во Скопје, кочанскиот џудо клуб „Гладијатор“ го искористи годинешното мото „Пријателство“ и потпиша меморандум за соработка со прилепскиот џудо клуб „Сеишин“.
Меморандумот всушност значи и збратимување на двата клуба, истакна Драган Шеќероски, тренер на кочанскиот џудо клуб.
- Извршивме збратимување на клубовите а тоа го договоривме со тренерот на клубот од Прилеп Дејан Мицкоски со кој што сме заедно мали нозе. Сега тие можат да се вклучат во нашите тренинзи и ние во низвните, рече Драган Шеќероски, тренер на џудо клуб „Гладијатор“ Кочани.
26.10.2018 Неплатена сметка за радиодифузна такса во висина од 190 денари скоро цела година ја закочила ликвидацијата на меѓуопштинското јавно претпријатие “Пониква КП“.
Иако се работи за минимална и скоро симболична сума, овој долг се испречил во постапката што ја започнаа општините Кочани и Пробиштип за да го згаснат и избришат од Централниот регистар заедничкото претпријатие што го формираа пред околу четири години. Без разлика што тоа фактички не профункционира и не се реализираа заложбите за вработување на неколку лица од двете општини, сепак со самата регистрација почнало да создава обврски и да прави извесни долгови.
Токму неплатената сметка за телевизија се уште го одржала во живот, рекоа од Секторот за јавни дејности.
26.10.2018 По реализираната јавна набавка, Општина Кочани го склучи договорот со трговското друштво „Тасим компанија“ од Оризари, претпријатие кое од 5 ноември, па во наредниот период од една година ќе го врши општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општина Кочани.
Превозот ќе се реализира на релацијата од населбата Оризари – Усова чешма – Бавчалук, преку спојот на улиците „Бел камен“ со „Страшо Ербапче“ до Лесна индустрија.
Според договорот, „Тасим компанија“ ќе има најмалку четири поаѓања дневно од понеделник до сабота, согласно одобрениот и регистриран возен ред. За автобуски стојалишта се определени вкупно 63 локации, во Оризари и во Кочани.