26.09.2018 Кочани една од трите општини каде што ќе проработи агрометеоролошката станица, што е инсталирана на површините на Земјоделскиот институт.
Станицата е обезбедена во рамки на Проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени. Таа ќе им биде од корист на земојделците заради навремено информирање во врска со временските непогоди.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство оцениле дека Кочани е еден од регионите што се загрозени и во последниве години се забележани големи штети во земјоделството,а со оваа станица навремено ќе се имаат потребните информаци за состојбата со времето.
24.09.2018 Седум лица од Виница кои се пожалиле на труење со храна се задржани на лекување во Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.
Од Здравствениот дом во Виница потврдија дека во изминатите два дена кај нив на преглед се јавиле поголем број пациенти со стомачни проблеми, главно со симптоми на повраќање и дијареа, од кои дел биле препратени во штипската болница.
Најголем број од затруените се пожалиле дека јаделе храна од сендвичарница во Виница, но дел од нив биле на прослави и во соседните градови.
24.09.2018 Македонското еколошко друштво во соработка со спортските здруженија „МТБ Исток“ и „Москито“ од Кочани го одбележa 23 септември -Денот на Зелениот појас.
По тој повод беше организирана велосипедскатуранаречена „По патека на Железната завеса“, која ја следи некогашната Железна завеса, низ предел кој е живописен спој на природата и историјата.
Со градоначалниците на Кочани, Македонска Каменица и Крива Паланка – Николчо Илијев, Соња Стаменкова и Борјанчо Мицевски беше реализирана средба на на врвот Сокол, каде се споделија идеи и размислувања околу иницијативата за прогласување на Осогово за заштитено подрачје.
21.09.2018 Општинската изборна комисија во Кочани во целост e подготвена за референдумското изјаснување.
Оттаму ги потсeтуваат граѓаните дека според календарот на активности, привршува рокот за пријавување на болните и изнемоштените лица кои сакаат да го искористат своето граѓанско, односно гласачко право во домашни услови. Крајниот рок е до сабота до 24 часот, за што од ОИК најавија дека до овој термин ќе има дежурство.
Притоа за пријавување е неопходна потребната лекарска документација од лекар специјалист, но и соодветен документ од Центарот за социјални работи за оние лица кои користат туѓа нега.
21.09.2018 По подолг период на стадионот “Никола Мантов“ ќе има подновување во поглед на обезбедувањето подобри услови за гледачите.
На објектот веќе се донесени нови пластични столчиња како донација, а што е дел од планот за подобрување на инфраструктурните услови. Се очекува во наредните денови да започне монтирањето на столчињата на западната трибина.
Од ГФК “Осогово“ рекоа дека со тоа се остваруваат најавите од минатата година оти ќе се работи на унапредување на условите за работа, но и на подобрување на условите за посетителите.
21.09.2018 Определбата на Локалната самоуправа на Кочани да го оплемени и да го заживее просторот на Споменикот на слободата ќе продолжи и во наредниот период, со оглед што тој е влезен во проектите за кои се бара финансиска подршка.
До Светска банка е поднесен проект вреден 345 илјади евра за реставрација и конзервација на Споменикот, кој заедно со проектот за уредување на околината, би резултирал со комплетно уредена целина.
Истовремено, таквите заложби добиваат сеопфатна поддршка, не само од граѓаните на Кочани, туку и од гостите и од оние кои на специфичен начин се поврзани со овој значаен објект.
20.09.2018 Граѓаните на Кочани имаа можност јавно да ги искажат своите ставови во врска со договорот од Преспа и за претстојниот рефереднум, преку активноста што ја организираше невладината организација “Цивил“ од Скопје.
На штандот што беше поставен во близина на плоштадот во Кочани, можеа да се прочитаат голем број пораки во стилот „Гласам за преспанскиот договор и за вечна Македонија“, „Јас имам глава за што да се одлучам“, „За европска Македонија, доволно чекавме“.
Од невалдината “Цивил“ рекоа дека освен граѓаните на Кочани, на слични штандови своето мислење можат да го искажат и жителите на поголем број други градови во државата.
20.09.2018 По повеќегодишно исчекување, конечно во Кочани повторно е отворен Дневен центар за згрижување на децата со попреченост. Сместен е во зградата на детската градинка “Павлина Велјанова“, во клонот кај градскиот пазар.
Објектот има засебен влез од западната страна и располага со две занимални, кујна и помошни простории.
На отворањето на оваа установа, што ќе работи во составот на Центарот за социјални работи од Кочани, присуствуваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која рече дека со ова ќе им се подобри квалитетот на живеење на лицата со атипичен развој, особено што ќе се избегне нивното секојдневно патување во соседните градови каде веќе работат слични дневни центри.
20.09.2018 Ученици, професори, членови на велосипедски клубови и голем број љубители на велосипедот како превозно средство се вклучија во велосипедското дефиле низ Кочани, за да го одбележат претстојниот 22 септември - Светскиот ден без автомобили.
Организатори на дефилето се Спортскиот клуб „Тркало“ од ОУ „Раде Кратовче“, ОУ „Малина Попиванова“ како дел од веломрежата на Република Македонија, Здружението „Екологик“, Швајцарската агенција за развој и соработка и Општина Кочани.
Во велосипедското дефиле се вклучи и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, кој повика жителите на Кочани што повеќе да се користат велосипеди наместо моторни возила. Тој рече дека во иднина се размислува да се корегираат одредени улици со велосипедски патеки.
19.09.2018 Во периодот од почетокот на оваа година до крајот на август Општина Кочани поднесе вкупно 23 апликации за проекти преку повеќе програми од различни области.
Од нив осум се одобрени, за седум во тек е постапка на реализација, 14 се во процедура, а еден е одбиен.
До Програмата за прекугранична соработа, во партнерство со општина Разлог, Бугарија е поднесен проектот „Регулација на дел од кејот на Кочанска Река од местото викано Зебец до местото викано Бавчалук“, а во партнерство со училиште од селото Мусомиште е поднесен проект за реконструкција на дел од училишната зграда на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.