Дваесет и првиот традиционален Петроведенски турнир во мал фудбал заврши синоќа со одигрувањето на финалната средба, а во натпреварот за првото место екипата на „Ауто велт“ беше подобра од тимот на „Фичобарбер Шери казино“ и го совлада со 3:0. Со тоа го повтори минатoгодишниот успех, кога исто така беше победник на турнирот.
Во борбата за третото место „Рели“ беше убедлив против екипата на „Амфенол“ и со резултат 4:1 заслужено се најде на меѓу трите најдобри тимови.
Организаторот на Петровденскиот турнир, Општина Кочани за победничката екипа обезбеди признанија и пехар, како и парична нагрaда од 60 иајди денари. Второпласираната доби 30 илјади, додека наградата за третопласираната екипа е 15 илјади денари.
По завршувањето на натпреварите беа прогласени и најдобрите поединци на турнирот. Признанието за најдобар стрелец, како и минатата година, му припадна на Тоше Манов кој постигна 11 погодоци.
За најдобар голман беше прогласен Далибор Митров кој настапуваше за победничката екипа на турнирот. Според оценката на организаторите, најдобар фудбалер на овогодишниот турнир е Кристијан Блажев од тимот победник – „Ауто велт“. За првпат на овој турнир, а по иницијатива на семејството на починатиот млад сограѓанин Благоја Баки Апостолов, во негова чест беше доделена награда за најдобар млад фудбалер, а ја доби Филип Јованов.
Поддршка во организацијата на натреварите даде Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани. Петровденскиот турнир вообичаено привлече голем интерес и натпреварите ги следеа поголем број љубители на фудбалската игра.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.