Тимот на „Ауто велт“ е победник на 22. издание на Петровденскиот турнир во мал фудбал, кој во финалниот натпревар со резултат 2 : 1 ја совлада екипата на „Рели“.
Третото место годинава го освоија фудбалерите на „Амфенол Технолоџи Македонија“, кои со 4 : 3 ги победија противниците од „Естон дизајн“.
Наградите што ги обезбеди Локалната самоупрва на Кочани беа во износ од 60.000, 30.000 и 15.000 денари.
За најдобар стрелец на турнирот беше прогласен Јован Дојчинов од „Рели“, наградата за најдобар фудбалер ја доби Горан Стојанов од „Авто велт“, а годинава најдобар голман беше Ѓоре Јовановски од екипата на „Рели“. Најуспешните поединци добија вредносни ваучери во износ од шест илјади денари.
Наградата за најдобар млад фудбалер, во чест на прерано починатиот сограѓанин Благоја Апостоловски-Баки, ја доби Марио Симоски од екипата на „Естон дизајн“. Наградата е од семејството Апостоловски, а ја врачи братот на Баки, Даниел Апостоловски.
Од Општинскиот фудбалски сојуз истакнаа дека спортскиот настан кој траеше десетина дена поминал во одлична атмосфера, а натпреварите помеѓу осумте екипи се одиграле во фер игра.
-Игрите беа коректни, се помина во најдобар ред. Ги доделивме и наградите за прво, второ и трето место, како и благодарници за учество, истакна Бранко Богатинов од ОФС – Кочани.
Организатор на турнирот во мал фудбал е ОФС – Кочани, со средства од Општина Кочани.
Инаку, екипата на „Ауто велт“ веќе трета година по ред го освојува првото место на Петровденскиот турнир во мал фудбал.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.