Членовите на Советот на Општина Кочани кои се дел и од советничките комисии продолжуваат со практиката да не доаѓаат на закажаните седници. Во пресрет на 37. седница на Советот закажана за во вторник, точките од дневниот ред требаше да ги разгледуваат четири комисии на работни состаноци за кои беа определени и термини за одржување. Сепак, поради немање кворум, констатирано е дека не се исполнети основите услови за одржување комисиска расправа.
На седницата на Комисијата за финансии не се појавил ниту еден од петте члена, а присутен бил само претставник од „Водовод“, со оглед што имаше точка која се однесува на финансиското работење на претпријатието за деветте месеци од годинава.
Празна останала просторијата во која седница требаше да одржи и Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања откако не се појавил ниту еден од членовите, а идентично било и со Комисијата за култура, образование спорт и права на децата.
Единствено за работната средба на Комисијата за комунални работи, планирање и уредување на простор и заштита на животната средина и природата се појавил нејзиниот претседател, но другите четири члена не дошле, па и оваа седница е откажана.
Повеќе од очигледно е дека ниту една причина не може да го оправда отсуството на советниците од седниците на комисиите, без разлика дали се работи за објективна спреченост, заборавеност или несериозен однос кон обврските што ги имаат кон граѓанитге кои ги избрале на последните локални избори. Со оглед што за членувањето и работата во Советот тие земаат финансиски надоместоци, сè поактуелно станува прашањето дали би требало да променат некои деловнички одредби за да се обезбеди нивно задолжително присуство.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.