Билјана Митева, управителка на компанијата за селекција и рециклирање на цврст отпад „Екопроект-КО“ од Кочани, е избрана за претседателка на Македонско-бугарската стопанска комора, која е основана во 2011 година. Изборот беше направен на годишното собрание на Комората, што денеска се одржа во Скопје.
Под мотото „Бизнис без граници“ Митева ја претстави својата развојна програма на Комората што треба да обезбеди поддршка, промоција и можности за развој на бизнис секторот во двете земји. Крајната цел е да се креира подобра бизнис клима и да се намали влијанието на политиката во економските односи.
-Преземената одговорност да се биде претседател на Комората е предизвик, а она што ги поврзува не само претставниците на бизнисот во двете земји ќе биде во фокусот на мојата работа. Заедно можеме да направиме повеќе од една милијарда во трговската размена. Бизнисот без граници не е само предизвик за сите нас, туку и инспирација за новите генерации. Очекувам поддршка за да докажеме дека и жените можат многу да направат во бизнисот, истакна Митева.
Во извршувањето на функцијата новата претседателка ќе се залага за зголемување на бројот на членови на Комората за да се прошират можностите за нови деловни практики во двете земји, потоа за реализација на проекти финансирани од програмата за прекугранична соработка, од меѓународни организации и од државни фондови, како и за редовно организирање конференции и семинари за олеснување на партнерствата и средбите меѓу компании од двете земји. Исто така, активностите ќе бидат насочени и кон соработката со владини агенции за промоција на можностите за инвестирање во двете земји и поддршка на деловните инвестициски процеси, како и иницирање заеднички проекти за унапредување на трговијата, туризмот и културната размена.
Новата претседателка на Македонско-бугарската стопанска комора има повеќе од 20-годишно искуство во управувањето со компании, меѓу кои и со БМ ДОО, која обезбедува преведувачки услуги и курсеви по англиски јазик за деца и возрасни, потоа со холдинг компанија за управување со недвижности, производство и трговија, обуки и семинари, јавни истражувања мислење. Таа е активен член на еколошкото здружение „ЕКО Тим Исток“ од Кочани и учествува во управните одбори на нњеколку домашни и странски компании, а за својата работа има признание за најуспешна жена претприемач во Источниот и Југоисточниот регион.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.