Борачот Расул Шапиев, член на македонската репрезентација и на БК „Спартак“ го доби признанието за најдобар спортист на Кочани за 2023 година. Во конкуренција од шест кандидати тој освои најмногу гласови на изборот што го организираше Општина Кочани.
Признанието што му го додели градоначалникот Љупчо Папазов е резултат на одличните настапи на меѓународните и домашни натпреварувања, при што освои две први места на Државното првенство во сениорска конкуренција, прво и трето место на меѓународни турнири. Како репрезентативец учествуваше и на Европското и на Светското првенство во борење каде се пласираше на 11, односно на 13 место.
-Чест и задоволство ми е што токму во Кочани добивам вакво признание кое е дополнителна мотивација за натамошните настапи. Се надевам дека довербата ќе ја оправдам со добри резултати на Европското првенство, а главна цел оваа година ќе ми биде да ја исполнам нормата за учество на Олимписките игри. Им порачувам на младите спортисти дека само со тренинзи и напорна работа ќе дојдат и до добри резултати, истакна Шапиев.
Во екипна конкуренција за најдобар беше прогласен планинарскиот спортски клуб „Осогово“, чии членови минатата година учествуваа во меѓународна експедиција во Киргистан за искачување на Хималаите, а реализираа и самостојни искачувања на највисоките врвови на Алпите во Швајцарија и Италија.
Претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани, Александар Андов е избран за најдобар спортски работник, а Игорчо Каров од карате клубот „Кочани“ го доби признанието за најуспешен тренер.
На изборот на најдобрите во спортот во Кочани, за спортска личност на годината е прогласен Лазар Захариев кој настапува во дисциплината пауерлифтинг бенч прес и досега освоил 17 признанија, меѓу кои и прво место на Светското првенство во Египет и златни медали на Европските првенства во Србија, Црна Гора и Шпанија.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.