Членовите на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ го реализираа најавеното порибување на акумулацијата Гратче, што е последно за оваа календарска година. Во водите на езерото, како и во локалитетот Прибачевска Бара, во средата доцна попладне пуштија 250 килограми крупен крап и клен, што беа обезбедени од реномираниот репроцентар „Миа еко фиш“ лоциран на браната Козјак.
Порибувањето на двете риболовни површини се реализираше во рамки на проектот „Спортскиот риболов – еликсир за младите“.
Пред една недела слична активност кочанските риболовци реализираа на браната Гратче, при што пуштија 100 килограми подмладок од крап, како и десетина килограми крупна пастрмка. Порибувањето се реалзираше со сопствени средства на Здружението како дел од збогатувањето на рибниот фонд, а во рамки на преземените обврски со концесијата на езерото.

Од „Кочански рибар“ повторно потсетија дека во сила е забраната за риболов и очекуваат риболовците да покажат хуман однос, односно да се однесуваат според принципот „фати, фотографирај и пушти“, со што ќе се овозможи нормален мрест на рибата.
Проектот ,,Спортски риболов еликсир за младите” се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а е кофинансиран од Oпштина Кочани.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.