Бранка Настевска од Кочани, сопственичка и управителка на Друштвото за производство, трговија и услуги „Настевски ЛБ“, е добитничка на годишната Награда за жена претприемач во категоријата микрокомпании, што ја доделува Националната платформа за женско претприемништво. Според податоците од Централниот регистар таа исполнила најмногу од зададените критериуми за изборот.
Во организација на Здружението на бизнис-жени, во партнерство со Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Сојузот на стопански комори на Македонија, во Скопје се одржува Третиот годишен самит на Националната платформа за женско претприемништво.
На самитот на тема „Жените во претприемништвото – клуч за зајакнување на економијата“, во соработка со Министерството за економија и Националната платформа за женско претприемништво беа доделени и наградите за најуспешни претприемачки за 2023 година.
Во панел-дискусијата за Улогата на националните, регионалните и локалните институции во јакнењето на женското претприемништво, учествуваше и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој ја истакна важноста на координираното дејствување на сите институции заради подобра ефикасност и ефективност на применетите мерки.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.