Десеттата седница на Советот на Општина Кочани започна со тензична атмосфера, фокусирана на првата точка од дневниот ред – изградбата на крст како спомен-обележје на кружниот тек на западниот влез на градот, во близина на хотелот „Национал“.
Се работи за инцијатива од митрополитот брегалнички Иларион, а поставувањето на крстот е во чест на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“.
Советниците изразија поделени ставови низ кои провејуваше дилемата дали се работи за градежен објект или верски симбол. Додека дел од нив побараа итна легализација и транспарентност, други реагираа на брзањето и недостатокот на соодветна документација.

Притоа беше изразена резервираност кон начинот на кој се наметнува оваа точка, нагласувајќи дека не станува збор за верата, туку за процедурата.
-Првата точка е нашата најсензибилна, што нѐ допира сите како православни верници, а што нема врска со верата. Тоа, јас лично така го доживувам овој предлог, под број еден, што ни е многу за краток период наметната да одлучуваме како советници, предлог-одлука за изведување на спомен обележје – крст на кружниот тек кај хотел „Национал“ . Јас оваа точка, предложена од општинските структури, ја доживувам само како градежен објект. Посебно, после сите искушенија божји и човечки што во последните пет-шест години или повеќе од пожарот, од Илинденскиот, па наваму, Кочани го живее. Малку на комисиите следев, го удиравте акцентот на православието, што нема врска со тоа, само да не сфатите погрешно. Барам измена, истакна советничката Благица Сабовљевиќ Стоименова, барајќи одложување на точката за наредна седница додека не се добие официјална документација од проектантска куќа и ревизија на проектот.

Советникот Иван Мишев остро реагираше на динамиката со која се додаваат нови точки на дневниот ред без претходно доставени материјали до советничките групи.
-Ние во последните неколку месеци трчаме да стигнеме по датуми со документи затоа што некој доцни, некој не постигнал. Комисиските извештаи и одговорите на нашите советнички прашања ги добиваме само во извештаи, немаме ни одлука, ни дополнителна информација. Искрено, работата мора да ја смениме – начин на работа, закажување… постојат законски правила и ниеден од нив не го почитуваме затоа што тоа било ‘форма’. Тоа е правна форма! Ако не ја водиме ние правната форма, кој ќе ја води? Ако не одиме правно, зашто сме тука, да правиме шоу на народот? Точките ги добиваме на лице место, ги гледаш прв пат, немаш материјали. Што да дискутирам за нив? На која тема да разговараме?. Поради таа причина, точката за крстот, мислам дека така се прекршува. Сакам да дадам порака и до јавноста, за да не нè разберат погрешно. Пораката до јавноста беше – излегува телевизија дека ќе има градење крст, а веќе утредента ставаат бетон, истакна советникот Мишев.
Сличен став изнесе и Ивица Лазаров, кој укажа на парадоксот дека на терен веќе се работи, иако Советот сè уште нема комплетни документи.
-Јас се согласувам потполно дека немаме целосна документација, но сакам да разговараме на таа точка, да дискутираме на таа точка, бидејќи многу работи не се во ред со таа точка. Сакам да слушнам, бидејќи гледам дека има веќе градежни активности, за нешто за кое вие напоменавте дека нема никаква документација. Треба да слушнеме за тоа. Тоа е мое мислење. Не знам за вас колеги ако го одложиме за наредна седница, а продолжат градежните активности. Ова е понижување на Советот. Значи никој нема против да се направи тој крст, ама се работи без дозвола за градба, рече Лазаров.

Од друга страна, советничката Марија Ананијева ја нагласи духовната димензија и симболиката на крстот во контекст на трагедијата на децата кои загинаа во „Пулс“.
-Крстот според учењето на црквата е победа над смртта. Со ова се покажува дека нашите починати деца не се умрени, туку се живи заедно со ангелите на небото. Ова беше нешто за кое јас одлучувам да го дадам мојот глас, истакна Ананијева.
Од име на стручните служби од општинската администрација појаснување зошто одредени точки, вклучително и таа за крстот, се додаваат во последен момент, даде Венцо Бојков, нагласувајќи дека Советот е „колективно тело“ и дека потребите на граѓаните наметнуваат итност бидејќи тоа е жива материја.

Седницата продолжи со процедурални препукувања за тоа кој има право да предлага точки и како се почитува деловникот. Иако имаше предлози за одложување заради дополнителна документација, претседателот на Советот, Александар Андов и координаторите на мнозинството инсистираа на ефикасност, додека опозициските советници обвинија за „непристојни предлози“ и непочитување на нивното време за подготовка.
Градоначалникот Владко Грозданов остро ги отфрли обвинувањата за незаконско работење, тврдејќи дека активностите на терен не се градење, туку подготовка.

-За мене овој театар не може да се споредува. Во моментот не се изведуваат градежни активности за изградба, туку се изведени активности за расчистување на теренот. Никој нема да посегне да гради нешто заради кое ќе се дига фама. Општина Кочани постапува исклучиво според законите. Поентата за брзото расчистување беше дека сакавме до 16-ти март да биде поставен, кога очекуваме и странски делегации, рече Грозданов.
Претставникот од Секторот за урбанизам појасни дека процедурата е во тек и дека техничката документација допрва ќе се разгледува. Нагласи дека МПЦ има поднесено барање, а откако ќе се донесе оваа одлука, потоа ќе се гледа техничката документација што ќе биде донесена до крајот на неделата, по што општинските служби издаваат решение дали крстот може да биде поставен или не.
На крајот од дискусиите предлог-одлуката за поставување крст на кружниот тек кај „Национал“ доби поддршка од 14 советници.
Дебатата за крстот во Кочани останува во фокусот на јавноста, не само како верско прашање, туку како тест за правната форма и транспарентноста на Локалната самоуправа.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






