Општина Кочани денеска реализираше активности во рамки на проектот „Зад урбаното“, со кој ги одбележа Меѓународниот ден без автомобили и Европската недела на мобилност. Целта е да се промовираат здравите животни навики и одржливите видови транспорт, со акцент на пешачењето и велосипедизмот.
Во Градскиот парк се одржа едукативен настан за учениците од основните училишта со тематски области за подобрување на велосипедските вештини и визија за изглед на градот со примена на лего коцки, а што се вклучени во програмата „Вело училишта“.
-Во вистински момент го реализираме настанот којшто наменет за промоција на еколошкиот и здрав начин на транспорт. Дел од активостите се мини натпреварите во возење велосипед, каде на дечињата им објаснивеме за тоа како да го подобрат начинот за правилно стартување и застанување со своите велосипеди. Исто така, научивме и за велосипедските делови и сообраќајните правила, нешто што е многу битно за едно дете да може безбедно да се движи низ сообраќајот. Овој проект се спроведува во осум земји низ Европа, а кај нас се вклучени училишта од триесетина општини, истакна Никола Нешкоски, координатор на Програмата „Вело училишта“.
Во рамки на активностите беа промовирани електрични велосипеди што за службени потреби ќе ги користи општинската администрација во Кочани. Исто така, стотина велосипедисти од различни возрасти учествуваа во традиционалната тура „По патеките на оризот”, што се возеше низ оризовите полиња и беа посетени неколку населени места во општината.
Проектот „Зад урбаното” е финансиран од ЕУ програмата URBACT, а се спроведува во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот – Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.