Неколку стотини граѓани од Кочани вечерва се собраа на крстосницата кон село Бели, каде веќе 11 дена и ноќи трае протестот и блокадата на пристапот кон градската депонија. На тој начин даваат отворена поддршка на барањата со кои треба да прекине депонирањето на отпадот од соседните општини, да се интервенира против палењето на ѓубриштето и да се спречи загадувањето на воздухот и животната средина.
Присутните рекоа дека се единствени во ставот оти нема да дозволат депонијата во Кочани да биде регионална, спротивставувајќи се на изјавата на надлежните од Министерството за животна средина и просторно планирање дека ќе нема промени во претходно донесената одлука.

-Имавме вчера гласање на коешто мнозинството се искажа дека не се прифаќа никако одлуката што ни беше дадена од заменик министерот за животна средина. Неприфатливи се нивните решенија да се депонира во нашата депонија ѓубре од соседните општини. Тоа што значи тоа дека протестите продолжуваат. Имаме информации дека ќе добиеме голема поддршка од Локалната самоуправа и од Советот на Општина Кочани. Се надеваме дека таа поддршка ќе биде имплементирана овие 3-4 дена, така што уште сега испраќаме апел до Локалната самоуправа, до таткото на градот, до советниците – вие сте гласани од овој народ цврсто да застанете позади овој народ. По реципроцитет и ние, со сите можни сили, до последен атом, доколку вие застанете позади нас, до последен атом и ние ќе застанеме позади вас, истакна Влатко Здравков, учесник на протестот.
Граѓаните кои присуствуваа на вечерашнито протест рекоа дека веќе нема враќање назад, односно никогаш нема да се откажат од своите барања. Доколку надлежните останат глуви за овие ставови, не се исклучени и други форми за искажување на незадоволството.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.