Викендов на патеката кон Пониква, во должина од 5,3 км ќе се одржи меѓународната авто-рели трка што се бодува за шампионатот на Централноевропската зона на Светската автомобилистичка федерација (FIA-CEZ), како и за домашниот шампионат за ридско брзински натпревари. Организатор е Автомобилистичката федерација на Македонија со техничка поддршка од авто клубот Перформанс од Скопје и од Здружението на возачите – Кочани..
На трката е најавено учество на 30-тина возачи од Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово и Полска.
Стартот на патеката е од локацијата над градската депонија до рамнината на регионалниот пат кон Пониква, пред Шумската куќа.
Патот кон Пониква ќе биде времено затворен за сообраќај в сабота од 7,30 часот, а неофицијалниот тренинг е од 9 часот. Во истите термини патот ќе биде затворен и в недела, со оглед што во 9 часот е првиот старт на трката, а вториот ќе биде половина час подоцна.
Соопштувањето на резултатите и прогласувањето на победниците ќе се одржи во кругот на Здружението на возачите во Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.