Одбележувањето на Павловден во Виница годинава ќе донесе неколку настани со културно-религиозна содржина, а за разлика од претходните години, овојпат празникот ќе се слави само еден ден, на 13 јули.
Празничните активности ќе почнат во 8 часот со одржување архиерејска богослужба во храмот „Св. Архангел Михаил“, а час и половина подоцна ќе се одржи литија до параклисот „Св. Апостол Павле“ на плоштадот во Виница.
Во 11 часот Советот на Општината ќе одржи свечена седница на која ќе бидат доделени награди, признанија и благодарници на истакнати поединци и институции.
Во попладневниот дел од празничното одбележување, во периодот од 18 до 20 часот е најавен Баскерс перформанс и аниматор за деца, а настанот ќе се одржи на платото пред Домот на културата „Тошо Арсов“. На истата локација музички настапи ќе имаат и децата од детската градинка „Гоце Делчев“, како и ученици од двете основни училишта во Виница. Во истиот период во музејот „Теракота“ ќе биде претставена ликовна колонија.
Во 19 часот во библиотеката „Ванчо Прке“ ќе се одржи панел дискусија на тема „Верност наместо јасност во преведувањето“ на која ќе зборува д-р Марјан Патлиџанковски.
Празничната програма ќе заврши со изложба и проекција на тема „Од срцето на Виница“, што ќе се одржи во Домот на културата „Тошо Арсов“, со почеток од 20 часот.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.