Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи вчера ја посети компанијата „Руен Инокс Аутомобиле“, која доби државна финансиска поддршка за инвестиции.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека на „Руен“, кој се осмели да влезе во нов инвестициски проект од скоро 110 милиони денари за производство на делови и дополнителен прибор за моторни возила, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите за периодот 2017-2021 година, Владата му исплати над 43 милиони денари финансиска поддршка.
-Оваа поддршка е важна за развојот на нашите компании, а со тоа и целокупната економија бидејќи на компаниите им помага да се поттикнат во иновации, одржлив раст, намалување на трошоците и целокупно зголемување на нивната конкурентност која им овозможува да се прилагодат на промените на пазарот и да испорачуваат вредност за клиентите, истакна Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека со нејзините над 180 вработени, компанијата „Руен Инокс Аутомобиле“ денес важи за водечки европски производител на спојки, кој ја проширува својата продажна мрежа на пет континенти и во повеќе од 50 земји.

-Кога една инвестиција со себе носи иновативност, дигитализирани процеси и истражување, тогаш создава можности и локалната работна сила да се стекне со нови вештини и знаења, правејќи ја долгорочно конкурентна во пошироки регионални и глобални рамки, додаде Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи, кој вчера беше во посета и на компанијата „Макпрогрес“ во Виница, информираше дека со финансиската помош за компаниите, Владата стимулира рамномерен развој при што само во Источниот плански регион, во 2022 година се поддржни 57 компании на кои им е исплатена финансиска поддршка од над 205 милиони денари.
Управителот на компанијата Драган Јорданов, се заблагодари за поддршката на Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, особено во делот за истражување и развој, преку која мерка, „Руен Инокс Аутомобиле“ произведува делови за новите генерации Еуро 5 и Еуро 6 камиони.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.