Митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејско намесништво денеска го освети крстот за куполата на православниот храм „Св. Спас“ во селото Бели. На чинот на осветувањето, на кој присуствуваа поголем број жители на селото и други гости, беше речено дека по нешто повеќе од две години од осветувањето на темелите, изградбата на верскиот објект напредува според планираната динамика и веќе се наоѓа во фаза на напредна карабина.
-Денеска е посебен чин, посебна радост што по изградбата на надворешноста на црквата, го поставуваме крстот на куполата, којшто ќе сведочи како симбол и знак на победа над секакво зло. Крстот е сила на сите православни христијани што му се поклонуваат, затоа што Господ Бог доброволно, како искупителна жртва, му се принесе на крстот и тој стана животворен и чудотворен. Се надеваме дека набргу по осветувањето на крстот на црквата, ќе почне и внатрешното уредување, односно малтерисувањето и подготвувањето за фрескоживописот, иконостасот, а потоа и да го осветиме овој храм. Тој ќе биде и радост и украс, и на нашата света Македонска православна црква и на целата Вселенска православна црква, а најмногу за мештаните кои живеат во Бели и на сите добронамерни луѓе кои помагаат и даруваат да се изгради овој храм, истакна митрополитот брегалнички Иларион.
Крстот за куполата на црквата во Бели е донација од вработените во компаниите „Тинг“, „Тинг инокс“, „Руен Инокс аутомобиле“ и „Тинг инвест“.
Новата црква „Св. Спас“ се гради врз основата на поранешниот верски објект што беше срушен поради оштетувањата и дотраеноста на материјалот. Пред почетокот на реконструкцијата, односно изградбата проценките на Црковниот одбор од Бели беа дека објектот ќе чини околу 120 илјади евра. Во изминатите две години со поддршка на сегашни и поранешни жители на Бели и други верници обезбедени се над 70 илјади евра.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.