Потопувањето на светиот крст за празникот Водици во Виница се одржа на Градечка Река, а најбрз меѓу двесетината момчиња беше 23-годишниот Ѓорѓи Чепарковски од беровското село Митрашинци. Заедно со него во реката скокнаа уште 23 кандидати , но тој беше најснаодлив и успеа да го извади крстот од осветените води.
Верската свеченост и потопувањето на крстот се одржа кај Бановски мост, каде се собраа многу православни верници кои на невообичаено високата дневна температура дојдоа да го проследат водосветот и чинот на скокањето во реката.
Чепарковски само кратко одговори дека посакува неговата среќа да ја пренесе на сите граѓани.
-Имам 23 години и во Виница работам како полицаец . Веќе десет години скокам по светиот крст, а овде ми беше третпат и конечно ми се оствари желбата да го извадам од осветената вода. Посакувам многу здравје за себе и за сите мои роднини и познаници, истакна Чепарковски.
Вообичаено по повод празникот Водици, Општина Виница доделува подарок за најсреќниот, а му го врачи градоначалникот Миле Петков, при што му посака здравје и среќа.
– На сите граѓани на општина Виница им го честитам овој голем христијански празник и им посакувам многу здравје и среќа. Нека има радост во секој дом. На Ѓорѓи му посакувам многу среќа во животот. На овој ден се одбележува празникот во сите населени места во општината, а најсреќните Општината ќе им додели подароци, истакна градоначалникот Петков.
Освен Општина Виница, подарок за Џепарковски обезбеди и православниот храм „Св. Архангел Михаил“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.