КЈП „Водовод“ почна постапка за обезбедување соодветен систем со GPS услуги за службените возила што се користат за различни намени. Со услугите, односно уредите што ќе се инсталираат во возилата треба да се овозможи следење на движењето и потрошувачката на гориво, но и други дополнителни детали со кои треба да се добијат информации за начинот, времето и местото на користење.
За обезбедување на системот планирано е да се потрошат околу 7 илјади евра, а во тек е јавна набавка со која се бара давател на услугата за период од една година. Според техничката спецификација, треба да се набават вкупно 38 GPS уреди, при што за осум возила тие треба да обезбедуваат можност за далечинско читање на потрошувачката на гориво.
Се бара GPS системот да овозможува идентификација на возачот, следење на податоци дали и колку долго моторот работи во место, детекција за пречекорување на дозволената брзина, прекумерно користење лер состојба на менувaчот и слични податоци. Исто така, треба да обезбеди и дигитални мапи за позицијата на возилото, како и редовни извештаи за негово користење за време на работа и после работно време.
Во постапката ќе бидат вклучени специјалните комунални возила, градежните машини, тракторите за собирање отпад, но и службените возила. Дел од нив се релативно нови и се во секојдневна функција, но има и неколку товарни возила што се набавени пред околу 40 години, а сè уште се користат.
Јавната набавка трае до 17 октомври, а по потпишувањето на договорот со избраниот давател на услугата, инсталирањето на опремата треба да се реализира сукцесивно, по претходно добиено барање од КЈП „Водовод“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.