Во организација на Белградскиот афористичарски круг во просториите на универзитетот „Илија М. Коларац“ се одржа 21. Меѓународен фестивал на хумор и сатира „Сатира фест 2023“.
На Фестивалот учествуваа четириесетина афористичари од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, а меѓу петмината македонски претставници, членови на Афористичката репрезентација на Македонија, беше и Јане Атанасов од Кочани.

Мотото на фестивалот годинава беше „Во друштво не се шепоти“, а тој беше посветен на шеесетгодишнината од раѓањето на сатиричарката и главна уредничка на електронското списание „Етна“, Весна Денчиќ која почина пред три години.

Во рамки на фестивалската програма беа доделени повеќе награди и признанија, а за најдобар беше прогласен афоризмот: „Нашиот народ има пари за црни денови. Тоа му е за секој ден.“ на афористичарот Јован Зафировиќ од Косовска Каменица, кому му припадна наградата „Вук Глигоријевиќ“.
За прв пат годинава беше доделена и наградата „Весна Денчиќ“ за најдобра серија афоризми, а неа ја доби Миле Ѓорѓијоски од Делчево.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.