Вечерва во Центарот за култура „Бели мугри“ беше отворена изложбата на учениците од Школата за цртање и сликање, што работи во рамки на кочанската културна установа. Претставени се над седумдесетина дела, изработени во различни ликовни техники, што учениците ги имаат создавано последните три месеци.
-Оваа изложба е еден сублимат на создадени дела на моите ученици. Опфатени се повеќе теми, а има пејзажи, мртва природа, репродукции кои што се работени во повеќе техники, односно употребувајќи пастелна, акрилна, темперна и други. Навистина како ментор сум задоволна она што го сработија учениците. Вкупно има 27 ученици, што претставува убава бројка за нашиот град. Станува збор за талентирани и посветени ученици, истакна Александра Димитрова, менторка во Школата за цртање и сликање.
Учениците истакнаа дека Школата ја посетуваат подолг временски приод и имаат научено многу за сликарството.
-Вечерва има изложено повеќе мои цртежи, на тема цвеќиња, мртва природа и репродукција. Изложбата ни беше на слободна тема. Јас сум повеќе од две години во училиштето, а за оваа изложба се подготвував изминатите три месеци, рече Мила Захариева, ученичка.
Изложбата ќе биде отворена во наредните две недели, а најавени се слични изложби со други ликовни техники.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.