Во општинската библиотека „Ванчо Прке“ во Виница синоќа се одржа промоција на книгата „Цртички од животот“ од авторот Ангел Богатиновски, кој е најстариот жив учител во Виничко.
Промоцијата беше во рамки на активностите за одбележување на Месецот на книгата, но и пригоден подарок за 91. роденден на авторот на делото.
– Библиотеката „Ванчо Прке“ му го честита 91. роденден на наставникот Богатиновски, со издание на неговите записи од животот. Целта е да зачуваме од заборав записи дел од локалната историја во која е вткаена љубовта кон семејството, граѓаните, работата, Татковината, истакна Лилјана Капевска, директорка на ЈОУ Библиотека „Ванчо Прке“.
Делото „Цртички од животот“ содржи стихови и проза во пет поглавја: Легенди, преданија, песни за родниот крај; Моето училиште, мојата професија; Мојата најголема љубов; Цртички од животот и Благословена си, жено.
– Во своите записи, Богатиновски ја сместува татковинската љубов во врвните емоции. Таа е видлива во песните за Гоце, Тито, Стојменски, Ванчо Прке, за Рацин, Борис Трајковски, во легендите за Оризари, месноста Добра Вода, за реката Масалница… Народните елементи изобилуваат во неговите творби – свесен за нивното значење, го гради мозаикот наречен македонски идентитет, истакна во промотивната реч Љубинка Ајтовска.
Авторот Ангел Богатиновски, кој во своето обраќање истакна дека се чувствува толку пријатно како кога стоел пред неговите ученици, се заблагодари за најубавиот роденденски подарок што го добил во својот живот, неговата нова книга.
Во рамки на промоцијата извадоци од книгата читаа ученици, а во музичкиот дел настапија учениците кои посетуваат настава во школите по гитара и пијано во Виница.
Делото „Цртички од животот“ е издание на ЈОУБ „Ванчо Прке“, финансиски поддржано од градоначалникот и Советот на Општина Виница.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.