Со над две илјади книжевни наслови, изложени на петнаесетина штандови, денеска во просториите на општинската библиотека „Искра“ во Кочани беше отворен 17. Саем на книгата.
Манифестацијата е дел од активностите со кои библиотеката го одбележува Месецот на книгата, а годинава приоритет се дава на промоцијата на литературата за деца. Под мотото „Ајде да читаме и подаруваме книга“ целта е да се поттикнат младите да читаат и да се охрабрат пишаниот збор да им биде секојдневие.
-На саемот имаме 13 домашни издавачки куќи со кои имаме долгогодишна успешна соработка, а коишто се претставуваат со богата понуда од нови и познати наслови. Застапени се скоро сите жанрови, со книги за деца и за возрасни, има лектирни изданија, сликовници, енциклопедии и популарна литература од домашни и странски автори. Ова е одлична можност љубителите на пишаниот збор да ги збогатат своите домашни библиотеки со книжевни дела што се нудат по прифатливи, саемски цени, истакна Кристина Ѓоргиевска Атанасова, директорка на библиотеката „Искра“.

Поддршка во организирањето на Саемот на книгата даде и Општина Кочани, а манифестацијата ја отвори градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов при што нагласи дека освен промотивниот, многу поважен е нејзиниот едукативен карактер за помладите сограѓани.
Саемот ќе биде отворен до крајот на оваа недела, а граѓаните ќе можат да го посетат во периодот од 10 до 18 часот.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.