Општинската библиотека „Ванчо Прке“ од Виница беше домаќин на промоцијата на стихозбирката „Ода(м) за Плачковица“ од роднокрајниот автор Доне Иванов.
Фоајето на виничкиот Дом на културата беше претесно за да ги прими сите кои дојдоа да го одбележат излегувањето од печат на литературното првенче на авторот, кој е вљубеник во планината и планинарењето, а своето дело го посветил на Плачковица и нејзиниот врв Чупино.
Пишувана со неконвенционален јазичен израз, во дијалектна форма, стихозбирката предизвика големо внимание кај присутните на промоцијата, што беше збогатена со настап на музички состав кој исполни познати народни песни, но адаптирани со стихови од книгата.
-Оваа стихозбирка е создавана неколку години, ме инспирираше тоа што од млади години почнав да ја посетувам најубавата планина, Плачковица, се дружев со најпозитивната и најдобрата планинарска екипа, а стиховите почнаа сами да доаѓаат и немав проблеми таа да се создаде. Прашање на време беше кога ќе излезе, со оглед на турбуленциите поврзани со корона кризата и смртни случаи на мои блиски, но тоа стишување ми даде мир да почнам да ги склопувам стиховите, а имав и голем стимул од мојот матичен лекар Зоран Петров. Пишувана е на дијалект, затоа што само така знаеме и можеме да го пренесеме чувството од планината, на широкото, таму каде што нема рамки, не сакав на литературен јазик, затоа што овде каде што си тежам го користам јазикот, едноставно „Made in Vinica“, истакна авторот Иванов.
Авторот додаде дека „по пробивањето на мразот“ и издавањето на првата, многу полесно ќе биде да дојде и втората стихозбирка, што најверојатно ќе биде посветена на Осоговските Планини.
На промоцијата на „Ода(м) за Плачковица“ свои осврти имаа лекторот Љубинка Ајтовска и рецензентот Орце Павлов, а стихови читаше актерот Игор Дамјанов. Издавач на стихозбирката е библиотеката „Ванчо Прке“ , а уредник е директорката Лилјана Капевска.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.