На градскиот стадион во Виница денеска се одржаа традиционалните Тодорови трки на кои учествуваа околу 400 натпреварувачи од предучилишна возраст до пензионери.
Организатор на манифестацијата беше Општина Виница со поддршка од стопанскиот сектор од регионот, а учесниците се натпреваруваа во десет дисциплини во повеќе возрасни категории.

Трките во Виница скоро еден век се одржуваат за празникот Тодорова сабота, но годинава поради објективни причини настанот беше поместен за една недела подоцна.

-Оваа манифестација е длабоко врежана и директно поврзана со нашата постоење низ времето, таа е олицетворение на издржливоста, непокорливоста и растежот на генерациите пред нас. Нема ниеден од постарите сведоци на кого во моментот не му се враќаат спомените од далечните години насликани на Тодоровите трки. Со одржувањето на овој настан придонесуваме за негување, афирмирање и популаризирање на културното наследство, додека на младата популација ги пренесуваме духовните, културни и спортски традиции карактеристични за Виница и за верскиот празник Свети Тодор. Сакам јавно да се заблагодарам на сите кои го помогнавте и придонесовте и оваа година овој настан успешно да се одржува во нашиот град. Посебна благодарност упатувам до приватните компании кои помогнаа да се обезбедат награди за победниците, како и до училиштата со наставниците по физичко образование за беспрекорната организација. На учесниците во спортските дисциплини им посакувам многу успех и нека победат најдобрите, истакна Миле Петков, градоначалник на Општина Виница.

Интерес за учество имаше во сите дисциплини, а покрај натпреварите во трчање од 80 до 800 метри и возење велосипед, атракција за публиката беше трчањето во вреќа, пренесување јајце во лажица, трка со шише на глава, трчање на патерици, во вреќа и со врзани очи.

За победниците во секоја категорија беа обезбедени вредни награди како донација од приватните компании во Виница и Кочани.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.