Во завршна фаза се работите околу реновирањето и преадаптацијата на големата сала и дел од внатрешноста во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, што почнаа пред околу половина година.

Во салата се поставени нови, покомфорни седишта, кои наместо на досегашниот рамен под, се вградени на блага косина со што ќе се постигне подобра видливост за публиката. Поставена е и нова подна подлога, а големите ѕидни прозорци од источната страна се затворени, со што е подобрена акустиката во внатрешноста на салата. Исто така, проширена и преадаптирана е бината со што ќе можат да се изведуваат пообемни сценско-музички дела, а зад гледалиштето е обезбеден и простор за техничките команди околу озвучувањето и осветлувањето.

Покрај големата сала, реновиран и просторот пред нејзиниот влез, што досега се користеше за мали музички и сценски изведби, како и тоалетите на катот. Со градежните работи што се во тек, ќе се реновира и надворешноста на објектот во кој, покрај Домот на културата, е сместен и музејот „Теракота“. Според предвидените активности треба да се постави термоефикасна фасада, како и да се подобри пристапот и да се прошири просторот за извршување на дејностите.
Носител на проектот „Енергетски ефикасен, пристапен и достапен објект за сите – Општина Виница“ е Центарот за развој на Источниот плански регион, а за реализација на активностите беа обезбедени над 10 милиони денари.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.