Околу 130 натпреварувачи од сите возрасни групи учествуваа на третиот традиционален урбано-ридски крос „Младите трчаат“ што го организираа Локалната самоуправа и Локалниот младински совет на Зрновци.
Трката се одржува во знак на сеќавање на прерано починатиот жител на Зрновци, Васе Ангелов. Се трчаше на патека долга 2,7 километри, од мултинаменското спортско игралиште на влезот во Зрновци, потоа низ улиците во општината, при што крајната цел беше повторно игралиштето што го носи името на Ангелов.
-Настанот веќе добива регионален карактер со оглед на тоа што имаме учесници и од соседните општини Кочани, Виница и Чешиново – Облешево. Поддршка во организацијата добивме и од Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ – Кочани, Црвениот крст, МВР и Општата болница од Кочани. Ние како Локална самоупрва и понатаму ќе продолжиме да ја негуваме оваа прекрасна традиција, истакна градоначалникот на општина Зрновци, Борчо Коцев.
-Трката помина одлично без никакви проблеми, а ние како Локален младински совет се залагаме за понатамошна реализација на вакви активности, исткана Ѓорги Саканарски, претседател на Локалниот младински совет.
На победниците на трката им беа додели медали и дипломи, додека на поддржувачите на настанот благодарници за поддршката во реализација на спортскиот настан.
Првото место во машка конкуренција го освои Борче Христов, а кај девојчињата прва до целта стигна Симона Веселинова. Во детска конкуренција најуспешен беше Лукас Горгиев.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.