Во централното подрачје на Зрновци, на просторот каде што е лоциран паркот, во наредниот период ќе биде изграден православен параклис со саат кула. Верскиот објект ќе биде посветен на Свети Илија, кого месното население со децении го слави како свој заштитник.
Иницијативата за изградба на објектот потекнува од група жители кои во меѓувреме ја доставиле до градоначалникот Борчо Коцев, а потоа таа се најде како точка од дневниот ред и на последната седница на општинскиот Совет.

Во образложението за предлогот, Коцев нагласи дека веќе е добиен благослов од МПЦ, а за да се реализира целиот проект неопходна е и согласност од Локалната самоуправа, односно од Советот. Општината ќе преземе обврска да изврши соодветно партерно уредување на просторот каде ќе биде изграден параклисот.
-На 12 март, заедно со парохискиот свештеник Лазар Коцев остваривме средба со митрополитот брегалнички г. Иларион и му ја презентиравме желбата и иницијативата на жителите на Зрновци. Тој даде благослов за одредување локација и за понатамошно отпочнување на постапката за изградба на таков објект во чест на Св. Илија. Во самата одлука е наведено дека се работи за површина до 100 квадратни метри, на дел од парцелата со број 5306 во катастарската општина Зрновци, истакна градоначалникот Коцев.

По образложението од градоначалникот советниците дадоа едногласна поддршка на иницијативата за изградба на параклисот. Неговата точна местоположба дополнително ќе биде одредена, со оглед што на истиот простор веќе има и други објекти.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.