Потпретседателот и пратеник на ЗНАМ во Изборната единица 3, Павле Арсоски денеска во Кочани отвори регионална пратеничка канцеларија за контакт со граѓаните.
Отворањето на оваа канцеларија е во рамки на проектот „Канцеларии за контакт со граѓаните“ што почна уште во 2003 година со помош на НДИ, УСАИД, ИПД, Швајцарската агенција за развој и соработка и ЗЕЛС.

– Како пратеник на ЗНАМ од Изборна единица 3, каде што има 22 општини, одлуката мојата пратеничка канцеларија да ја отворам токму овде, во Кочани, не беше случајна. Тоа е одлука којашто ја донесена после длабоко промислување, после размислување, емпатија, човечка и родителска грижа за тоа што се случува на Истокот од Македонија и пред сѐ во градот Кочани. Посакувам оваа пратеничка канцеларија да биде уште една подадена рака, една отворена врата за сите граѓани на Кочани и на Истокот од Македонија, место каде што ќе можат да пристапат, да ги изразат своите тешкотии, проблеми, да дадат предлози и иницијативи. Канцеларијата ќе биде отворена секој работен ден, во неа ќе работи асистент ангажиран од македонското Собрание, негова задача ќе биде да оствари контакт со граѓани, да евидентира предлози, потреби, иницијативи и да направи распоред за средби коишто јас лично ќе ги остварувам еднаш во неделата, доаѓајќи овде во Кочани, истакна пратеникот Арсоски.

Канцеларијата за контакт со граѓаните се наоѓа на приземјето во зградата каде што се сместени Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Фондот за здравство.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






