– „Денес стоиме тука со срца обвиени во болка, со зборови што тешко излегуваат, но со љубов што е толку силна што не може да се сокрие. Тагуваме за 62 млади животи – 62 ангели што предвреме беа одземени од нас“ – беше речено вечерва на собирот „62 ангели – вечна светлина во нашите срца“ што се одржа во спомен на сите загинати во трагедијата во „Пулс“.
Собирот што го организираше Здружението „16 март 2025 – Кочани“ се одржа во Паркот на Револуцијата по точно шест месеци од трагедијата. Притоа беа запалени свеќи во форма на срце и крст, а присутните граѓани со светлата од мобилните телефони испратија светлина кон небото – светлина за 62 ангели.

– Она што го доживеавме не е само тага, тоа е бездна што ја носиме во себе. Тоа е немо викање, тоа е празнина што никогаш нема да се пополни. Секој од нив имаше сон, насмевка, надеж… и сите тие светлини беа згаснати за миг. Жалоста не е само плачење. Таа е борба со секој нов ден. Да станеш наутро кога сè е потемно од ноќта. Да дишеш кога срцето е премногу тешко. Да живееш со спомените и со вистината дека никогаш повеќе нема да ги видиме, нема да ги чуеме, нема да ги прегрнеме. Нашата болка е љубов што нема каде да оди. Затоа ја носиме во себе и ја претвораме во сеќавање. Секое име, секој лик, секоја насмевка – ќе остане засекогаш врежана во нас, беше речено во официјалното обраќање на настанот.
Пред пристуните во Паркот беше речено дека раната е наша заедничка, а болката е за целиот народ и ако некогаш некој не разбере зошто солзите не пресушуваат – тоа е затоа што не ја почувствувал темнината што блиските и опријателите на загинатите ја чувствуваат секој ден.

-62 светлини згаснаа, но тие не исчезнаа. Тие продолжуваат да живеат преку нашата љубов, преку нашата борба да не бидат заборавени. Тие се ангели што ќе нè чуваат, ќе нè потсетуваат колку е кревок животот, и колку е голема љубовта. Нека нивната жртва не биде залудна. Нека нивните имиња одекнуваат низ времето како потсетник дека никогаш нема да дозволиме повторно да згаснат толку млади животи. За нашите 62 ангели – вечно сакани, вечно оплакувани, и засекогаш дел од нашето срце. Никогаш нема да бидете заборавени, беше речено во обраќањето.
На видео приказ на платото пред ЦК „Бели мугри“ беа претставени фотографиите од сите жртви во трагедијата, а потоа беа запалени свеќи во сеќавање на прерано изгубените животи.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






