Стотина борачи од клубови од Македонија и Бугарија денеска учествуваат на Меморијалниот турнир во борење „Легендите на Спартак“, што има меѓународен карактер, а по дваесет и трети пат го организира боречкиот клуб „Спартак“ од Кочани.
Натпреварот е продолжение на поранешниот турнир „Андонов – Колев“ и се одржува во спомен на сите борачи кои во изминатите децении дале придонес за развој и популаризација на борењето во Кочани и пошироко.
-Ја продолжуваме традицијата што почна пред повеќе од две децении, го организираме турнирот со кој сакаме да го популаризираме борењето меѓу младите. И на овој натпревар имаме голем број млади борачи во различни тежински категории, во машка и во женска конкуренција. Всушност имаме 10 категории во која се борат момчињата и 2 категории за девојчињата. По повеќе години одржување на турнирот, повторно имаме борби на два душека, а тие се одвиваат според UWW правилата, истакна Гоце Ангелов, секретар на БК „Спартак“.
За разлика од изминатите години, овогодишниот турнир „Легендите на Спартак“ се одржува во салата на ОУ „Никола Карев“, а за најдобрите учесници се обезбедени медали и признанија. Ќе биде доделен трофеј на турнирот за најдобар борач, за најдобар техничар и за најдобар странски борач.
Одржувањето на турнирот е помогнато од Општина Кочани и од неколку стопански фирми од регионот.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.