Средното училиште „Љупчо Сантов“, Локалната акциона група и комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани се вклучени во заедничкиот проект „Млади еко инспектори“ што се реализира со училишта и организации од општините Лариса во Грција и Пазарџик во Бугарија.
На денешната јавна дебата, во која се вклучија претставници на невладиниот сектор, градоначалниците на трите општини и претставници од партнерските организации, беше нагласено дека главна цел на проектот е развој, имплементација и промоција на образовен концепт во справувањето со еколошките предизвици кои ги имаат заедниците, а во што ќе бидат ангажирани средношколците.
-Мерењето на нивото на загаденост на амбиенталниот воздух и на водата се главните проблеми што ќе бидат опфатени во проектот. Ние ќе вклучиме 36 ученици, поделени во четири групи од по три тима, со професори кои ќе ја координираат нивната работа. Тимовите ќе ја мерат загаденоста на вкупно 72 локации во градското подрачје на Кочани, а ќе користат дигитални инструменти присуство на pM2,5 и pM10 честички, јаглероден моноксид и диоксид, формалдехид и други гасови во воздухот. Од водата ќе земаат примероци што ќе се испитуваат со добиената опрема што се наоѓа во училиштето, истакна Сања Божиновска, асистент во проектот „Млади еко инспектори“.
Податоците од мерењата ќе се внесуваат во посебно изработена компјутерска апликација, по што учениците ќе изготвуваат анализи и онлајн истражувања за најдобрите практики и технички решенија за справување со предизвиците од загадувањето. Добиените резултати за секој ден ќе бидат индикативни за видот и нивото на загадувањето, а јавно ќе се презентираат на електронски екран во централното градско подрачје на Кочани.
Партнерскиот проект „Млади еко инспектори“ на општините од трите соседни држави се реализира во рамки на Еразмус+ програмата на ЕУ.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.