Обука за нови даватели на услуги во Центарот за нега на стари лица организираше Општина Кочани, во рамки на сервисната услуга „Грижа и нега на стари лица во домот“.
Активноста се реализира во соработка со Заводот за социјални дејности од Скопје и претставници од локалните здруженија на лица со попреченост, а носител е општинската организиација на Црвен крст – Кочани. Вклучени се и стручни лица од Центарот за социјална работа, од Агенцијата за вработување и дефектолози, кои се членови на Советот за социјална заштита на Општина Кочани.
-Преку Министерството за труд и социјална политика кај нас веќе функционира Центар за нега на стари лица, меѓутоа од ден во ден согледуваме дека сè поголема е потребата од нови негуватели. Имаме листи на чекање со луѓе на кои им е потребна помош во домот, а лицата со попреченост пак, воопшто не се ни опфатени со лична асистенција или со нега. Наша цел е што повеќе граѓани да се запознаат со видот и начинот на давање и добивање на социјалните услуги во домот, како и за законската рамка на работење, односно потенцијалните даватели да дојдат до работен ангажман, а корисниците да ја добијат услугата, истакна Аника Илијевска Ѓоргиева, соработничка за социјална заштита во Општина Кочани.
Реализацијата на услугата за нега на стари лица во домот почна минатата година, а во првата фаза за негуватели беа обучени 16 невработени и лица од социјален ризик, кои се стекнаа со верификуван сертификат. Тие обезбедуваат бесплатна здравствена грижа и нега, им помагаат во одржувањето на хигиената, набавката на храна и лекови и слични потреби на педесетина стари и изнемоштени лица од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.
Активноста е дел од проектот „Подвижност“ што се реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а со финансиска поддршка од Светска банка.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.