Карате клубот „Партизан“ од Кочани иницира организирање на меѓународен турнир во карате, во чест на жртвите од трагичниот пожар што се случи во клубот „Пулс“ на 16 март 2025 година во Кочани.
Според првичните најави, меѓународниот турнир ќе се одржи на 28 февруари и ќе го носи симболичниот назив „63 Ангели“. Настанот ќе има хуманитарен карактер, а средствата собрани од котизацијата на учесниците ќе бидат наменети за лекување на повредените од пожарот во клубот „Пулс“.
Се очекува на турнирот да учествуваат екипи од земјите од Балканот и од Европа, што ќе му даде меѓународна димензија на настанот и ќе ја пренесе пораката за солидарност и заедништво надвор од границите на државата.

По тој повод, претставници на клубот остварија средба со градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, кој изрази целосна поддршка за иницијативата, нагласувајќи дека ваквите иницијативи се од особено значење за градот и за семејствата погодени од трагедијата.
– Ова е силен и достоинствен начин да се оддаде почит на оние што ги загубија животите и истовремено да им се помогне на повредените. Општина Кочани ќе даде поддршка на турнирот „63 Ангели“, кој носи порака на хуманост, спортски дух и заедништво – соопшти Грозданов.
Организаторите најавуваат дека во наредниот период ќе бидат објавени дополнителни информации за програмата и за учеството на екипите.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






