На надморска височина околу 950 метри, на јужните падини на Осоговските Планини, во манастирот „Голема Богородица“ во маалото Кржали на планинското село Јастребник, се одржа црковно-народен собир на верници по повод празникот Успение на Пресвета Богородица.
Со македонска изворна музика, песни ,ора и заеднички ручек присутните го прославија празникот кај народот познат и како Голема Богородица.
На славата присуствуваа помал број верници поради тоа што патната инфраструктурата е во лоша состојба. Од Црковниот одбор истакнаа дека традицијата од пред многу години, продолжи и годинава.
-Нашите предци пред многу години ја воспоставиле оваа традиција, а ние ја продолжуваме. За жал, нема помлади генерации што треба да не наследат нас. Денеска имаме помал број верници, а тоа се должи на лошиот патен пристап до манастирот. Луѓето тешко доаѓаат со возила или пак, пешачат до овде. На сите верници им приготвивме и манастирска манџа, истакна Драги Златков, домаќин на манстирот.
Освен празникот Успение на Пресвета Богородица, во селото ги прослававуваат и празниците Свети Илија и Свети Ѓорѓи Победоносец.
Селото Јастребник го сочинуваат девет маала, а според последниот попис во 2021 година таму има само единаесет жители.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.