Во Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани почна распределбата на картичките за „зелена нафта“, а евидентирани се над 2.400 земјоделски стопанства во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.
Земјоделците можат лично да ги подигнат картичките во просториите на службата, при што неопходно е да приложат документ за идентификација. Според програмата за поддршка, Платежната агенција ќе распредели финансиска поддршка од близу 8,3 милиони денари за набавка на дизел гориво за механизација за земјоделците од кочанскиот регион.

– Со ваучерите, односно со картичките ќе можат да набават гориво на која било бензинска пумпа на „Макпетрол“, најдоцна до 30 април 2024 година, а ако им преостанат средства што не ги искористиле, после тој рок ќе им бидат блокирани. Нема временско ограничување за подигање на картичките, односно тоа може да се направи практично и на последниот ден од нивната важност, а сумата да се потроши веднаш. Картичките можат да се добијат во просториите на Подрачната единица секој работен ден, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица за земјоделство во Кочани.
За да можат да ја добијат финансиската поддршка за дизел гориво, земјоделците треба да ги имаат платено обврските за воден надоместок кон АД Водостопанство.
Со мерката за „зелена нафта“ се опфатени близу 49 илјади земјоделци во целата држава, за кои е одвоена сума од 275 милиони денари од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.