Првиот круг од претседателските избори помина, а во изборните штабови на кандидатите се анализираат постигнатите резултати и се прават калкулации за вториот круг. Податоците од пребројувањето на гласовите што ги објави ДИК покажуваат дека во општините Кочани, Виница Чешиново-Облешево и Зрновци кандидатката Гордана Силјановска Давкова е во предност од 8.556 гласови пред Стево Пендаровски.
Во однос на гласањето по општини, во Кочани за Силјановска Давкова гласале 8.079, за Пендаровски 3.905, потоа следи Максим Димитриевски со 2.062, Билјана Ванковска со 657, додека останатите кандидати заедно имаат само 128 освоени гласови. Разликата меѓу Силјановска Давкова и Пендаровски во Кочани е 4.174 гласа.
Во Виница исто така повеќе гласови освои кандидатката што ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, односно за неа гласале 4.571 граѓани, додека поддршка на кандидатот зад кој застана СДСМ и коалицијата му дале 1.764 граѓани. За Максим Димитриевски гласале 1.106, а Билјана Ванковска 291 гласач. Другите тројца кандидати имаат под 60 гласа заедно.

Во Чешиново-Облешево за Силјановска Давкова својот глас го дале 1.798, за Пендаровски 695, а за Димитреивски 338 избирачи, додека за Ванковска гласале 92 граѓани.
Најголема разлика меѓу првите двајца кандидати е остварена во Зрновци каде Силјановска Давкова добила 752, наспроти 280 гласа за Пендаровски. Димитриевски во оваа општина освоил 100, а Ванковска 32 гласа.
Според Изборниот законик вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, а по официјализирањето на резултаите од првиот круг ќе започне кампањата за второто гласање.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.